
Нов надоместок за друмските возачи за да се плати итната помош од воздух?
Надоместок за техничка помош, возачите треба да го плаќаат при секоја регистрација, а тие пари ќе се користат „за давање на информации и техничка помош на моторизираните учесници во сообраќајот на јавните патишта, за отстранување од државните патишта на оштетените возила и возила во дефект, и за други работи од значење за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“.
Така пишува во членот 64 од Законот за јавни патишта.
Но тој надоместок досега не се наплатувал бидејќи немало избрано фирма за да ги прибира тие пари. Но хеликоптерската итна помош, односно проектот САР ХЕМС ќе го смени тоа.
Иако владата не го објави договорт за јавно-приватното партнертсво во јавноста преку опозицијата протекоа три барања кои приватниот партнер скандинавецот со босанско потекло Саша Ѓаковиќ ги упатил до владата.
Во едно од нив, Ѓаковиќ односно компанијата од Шведска со скопска човек фирма бара владата да изготви уредба за прибирање на надоместок. Ова право приватниот партнер го бара врз основа на член 66-ж од законот за јавни патишта со кој е предвидена воздушна помош за повредени.
Но спомнатиот член е поврзан со техничкиот надоместок (односно член 64 од Закон за јавни патишта), односно фирма која на јавен повик ќе бида избрана за услуги која ќе го наплаќа тој надоместок од сите возачи.
Во моментот при регистрација не се наплаќаат такви услуги, провери Телма во неколку станици за технички преглед.
Доколку тоа е основата за финансирање на итната хеликоптерска помош, тогаш без избор од министерството за транспорт и врски (тоа е законската обврска), можноста да наплаќа ќе добие шведската компанија избрана на друг повик, кој не е предвиден во законот за јавни патишта.
И ќе треба возачите да плаќаат дополнително при регистрација. Договорот меѓу генералниот секретар на владата Драги Рашковски и Ѓаковиќ кој е сопственик на човек фирмата Сархемс е потпишан пред еден месец, но досега не е објавен, а се крие начинот како ќе се обзебедуваат парите з апроектот, предвидени на околу 9 милиони евра годишно.
И Рашковски и Ѓаковиќ тврдат дека граѓаните нема да ги чини ништо плус, и дека надоместокот ќе се прибира врз основа на позитивните закони во Македонија.
Опозицијата бара да се објави договорот, и ја обвинува власта дека прави милионски криминал. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев бара обвинителството да отвори истрага.
Од владата не одговорија на обвинувањата и остануваат на тоа што го соопшти Рашковски на брифинг на новинари дека проектот нема да ги чини граѓаните ниту денар, и дека е наменет за спасување на човечки животи.
Јанушев објави и уште две барања од странскиот партнер, владата да обезбеди и простор, како и летачки и здравствен персонал за новата итна хеликоптерска итна помош.
Миомир Серафиновиќ