Нов антикорупциски закон по скратена постапка

Утре по скратена постапка Собранието ќе разгледува нов антикорупциски закон. За вакво решение размислува Владата, за да ја премости амандманската расправа во матичната Комисија за политички систем, закажана во петок. Неделава, министерката Рената Треневска-Дескоска најави повеќе амандмани што Владата би ги поднела за да го подобри текстот на законот и да го усогласи со европските препораки. Дополнително, при вчерашното прво читање на собраниска седница, и опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави 40-тина амандмани, што би оневозможило носење на законот пред Нова Година.

Законот за борба против корупцијата и судирот на интереси е само еден од 30-тина реформски закони кои треба да бидат донесени во наредните недели, а некои, уште оваа недела. Меѓу нив нема да има закон за пратеници, иако меѓу народните избраници циркулира идејата за обезбедено работно место во државна служба по истекот на мандатот. Спикерот Талат Џафери не коментира додека не види конкретен предлог.

Седницата за уставни измени е закажана веднаш по Божикните празници, а Џафери очекува последното, трето гласање, да заврши до средината на јануари.

Тоа значи дека по 15 јануари, Законот за јазиците и Преспанскиот договор, ќе влезат во сила без потпис на претседателот на државата. Овие закони се дел од бројните реализирани обврски и исполнети очекувања од Собранието изминатава година, рече Џафери во својата оценка за 2018-та.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ