
НЛБ банка воведе NLB Pay мобилен паричник
НЛБ Банка ја промовираше новата услуга, NLB Pay мобилен паричник – која овозможува бесконтактно плаќање на продажните места преку мобилен телефон. NLB Pay е уште една современа дигитална услуга на Банката, која е лесна за користење, безбедна и овозможува брзи и едноставни плаќања. Со воведувањето на оваа услуга, НЛБ Банка продолжува да ги следи светските трендови на поедноставување и приближување на банкарските услуги кон своите клиенти.
Мобилните банкарски услуги со својата достапност, едноставност, брзина и безбедност при користењето, на клиентите им овозможуваат заштеда на време и средства, и им даваат можност да ги завршат своите банкарски обврски 24 часа на ден, седум дена во неделата. NLB Pay е услуга наменета за физички лица, корисници на Mastercard платежните картички, кои поседуваат мобилен уред со Android оперативен систем. NLB Pay мобилниот паричник ги дигитализира Mastercard картичките и со тоа овозможува плаќање на бесконтактни ПОС терминали во земјата и странство. Клиентите можат да ја активираат оваа услуга самостојно, без потреба од посета на експозитура.