
Ништо од договорот, транспортерите на Фени од понеделник пак на улица
Пропадна договорот што вчера беше постигнат на состанокот во Владата на кој присуствуваа транспортерите на Фени, претставници на Нова Логистик и на закупецот на комбинатот Џи Сол. Транспортерите чии побарувања за пренос на руда тежат 4 милиони евра ја обвинуваат Џи Сол, а швајцарската компанија ја обвинува Нова Логистик.
Според транспортерите Џи Сол вчера се согласил во целост да ги исплати побарувањата кон нив но денеска швајцарската фирма го сменила ставот и рекле дека ќе платат еден дел а другиот на рати.
Од Џи Сол пак уверуваат дека договорот бил транспортерите да бидат исплатени со откуп на имотот на компанијата Нова Логистик во вредност од 1,9 милиони евра и со дополнителна авансна исплата од 700 000 евра, но денеска на средбата во Кавадарци Нова Логистика одбила да постапи по договореното.
Од Нова Логистика за која предмет отвори и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал, не може да се добие коментар, но според информации на Телма, фирмата одбила да го отуѓи имотот и побарала најпрво да бидат исплатени долговите што Фени ги има кон нив.
Разговорите меѓу сите три страни ќе продолжат утре, а од понеделник транспортерите не ја исклучуваат можноста повторно да го блокираат патот кај мотелот Дреново.