Нинџа за свои сведоци го предлага и Груевски но и бегалците Грујовски и Бошковски

Поранешниот премиер Никола Груевски, двајцата бегалци и поранешни началници во петтата управа Горан Грујовски и Никола Бошковски, поранешниот директор во УБК Владимир Атанасовски и Благоја Василевски – обезбедувањето на Груевски се најдоа на листата сведоци на Александар Василевски Нинџа, еден од обвинетите во крвавиот четврток, дознава телма од извори во судот.

Според истите извори со Грујовски и Бошковски кои се избегани во Грција веќе е комуницирано и тие се нафатиле да сведочат во одбраната на Нинџа. Тоа би го сториле по конференциска врска бидејќи не сакаат да се вратат во земјава и очекуваат азил од Грција чиј врховен суд одлучи да  не ги екстрадира за случаите на СЈО.

Меѓу сведоците е и братот на Нинџа кој всушност според обвинението го примил телефонскиот повик во Виена каде на 27 април беше службено како бодигард на Груевски. Телма за ваквата листа сведоци го праша и адвокатот на Василевски, Вуксанович, но тој не сака да коментира.

Листите на свои сведоци кои веќе ги доставиле до судот не ја откриваат и дел од останатите адвокати. Сепак судот ќе треба да одлучи кој се ќе може да сведочи како предлог на одбраната. Први ќе сведочат сведоците на обвинителствот.

Веќе за в петок судијката Добрила Кацарска на денешното рочиште ги најави Фросина Ременски, Дамјан Манчевски, Павле Богоевски и Илија Николовски. Денеска пак сите 33 ца обвинети се изјаснија дека се невини за делото кое им се става на товар Терористичко загрозување на уставниот поредок.

Нивните адвокати регаираат на изјавата на обвинителката Вилма Рускоска дека шират хистерија кога во судница велат дека се обвинети за тероризам.

На делото за кое се обвинети реагираа и роднините на обвинетите кои се уште се во притвор. Сметаат дека е селективна правда што на поранешните функционери им е овозможено да се бранат од слобода само за тоа што имаат имот како гаранција дека нема да бегаат, додека како што велат обичните смртници останаа зад решетки.

Судијката најави дека веќе се изработени 50 це деа со доказен материјал на кои има и видео снимки од безбедносните камери во собранието како и од медиумите. Агендата за рочишта е се позбиена, закажани се и нови 28 во декември и јануари следната година. Судот за процесот за крвавиот четврток ќе паузира само петнаесетина денови за новогодишните и божиќните празници.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ