Нина Ангеловска: Избрзана е реакцијата на синдикатите кои побараа оставка од министерката за финансии

Избрзана е реакцијата на Синдикатите кои побараа оставка од министерката за финансии – лично искоментира Нина Ангеловска. Ова уследи по гневот на ССМ заради промените во мерката на властите кои на само два дена пред први мај – денот на трудот објавија дека фирмите коишто ќе користат субвенции за да дадат минимална плата можат да отпуштат одреден број на вработени.

Со изменетата владина уредба најзагрозени би биле работниците коишто се вработени на определено време, велат од Институтот за економско истражување и политики Фајнанс тинк. Бараат Владата да ги сослуша апелите и повторно да направи промени.

„Апелираме мерката да се дообмисли, со допуштање намален број на работници откако таа ќе се искористи, само во случаи на пензионирање на работник, смрт, отказ на договорот од страна на вработениот, отказ од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина,“ пишува во дел од соопштението на Фајнанс тинк.

Таканаречаната Корона-криза загрози многу работни места во светски рамки па и во земјава. Затворени се кафулиња, ресторани, многу фирми се под клуч додека е прогласена вонредна состојба и е ограничено движењето на луѓето.

Луѓе веќе останаа без работа, а токму за тоа реагираат од Конфедерацијата на слободни синдикати коишто велат дека Владата ги игнорира синдикалните здруженија при носењето на вакви мерки со кои се создава страв кај народот за економската и социјална иднина.

Во меѓувреме, не се само синдикатите незадоволни од Уредбата донесена од надлежните. Угостителите се пожалија на чести промени на мерките и бараат да бидат консултирани кога се носат мерки од суштинско значење за нив.

Дали ќе има некакви промени за да се изнајде решение кое ќе биде поприфатливо за Синдикатите би требало да се знае денес по состанокот со владините претставници.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ