Нимиц: Време е за одлуки

Вереме е за одлуки, е пораката која ја испрати посредникот во спорот за името Метју Нимиц по денешната средба со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас. Тој од Коѕијас ги слушна грчките позиции за неговиот последне предлог за решение на името, оценувајќи ги како „позитивни“.

„Постојат тешки прашања, знаеме дека овој спор трае долго време, но мислам дека постои волја тука и во Скопје да се обидеме да постигнеме решение“, Метју Нимиц, посредник од ОН во спорот за името.

Нимиц во Атина објасни дека дал неколку идеи на двете страни, но и дека двете влади може да имаат свои идеи, но се надева дека ќе употребаат и некои од неговите.

„Според мене ни претстојат недели на консултации за видиме каде сме и да направиме проценка“, изјави Метју Нимиц, посредник од ОН во спорот за името.

Но Нимиц кој не сакаше да ги открие своите предлози, беше претркан од Коѕијас. Тој уште синоќа во телевизиско интервју ги соопшти позициите на Атина по последниот предлог на посредникот, пред денеска да се сретне со него. Притоа Коѕијас најави дека кон средината на февруари грчката страна на Македонија ќе и достави нацрт спогодбата во која ќе бидат содржани предлози за името, иредентизмот, меѓународни и регионални односи на Македонија и мерки за позитивна агенда.

Сепак денеска по средбата со Нимиц, Коѕијас појасни дека македонската страна знае за спогодбата, но оти на неа работи Грција. Шефот на грчката дипломатија изјави дека откако ќе ја достават спогодбата другата страна ќе може да бара измени, да има свои предлози, модификации, поточно дека таа нема да биде земи или остави.

Инаку во интервјуто Коѕијас освен што откри дека Нимиц доставил пет предлози – четири имиња на македонски јазик и едно Македонија (Скопје), ја откри и грчката позиција – сложено име со терминот Македонија, но без превод.

„Во разговорите, првата работа ќе биде, кое ќе биде името, содржината на името и придавката на името, бидејќи вториот елемент на името ќе го содржи терминот Македонија како географска област. Втора работа, дали ќе биде еден или два збора. Трето дали ќе се воведе на јазикот на земјата или на меѓународен јазик и четвртото дали ќе биде преведено или не“, изјави Никос Коѕијас, министер за надворшени работи на Грција.

Во однос на преговорите за името, тој ја повтори позицијата дека името вклучува седум прашања: името, употребата на името, идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците. Притоа наведува дека за кој било договор за решение меѓу двете земји ќе биде потребно Македонија да направи измена на Уставот, во преамбулата и во два члена.

Ваквиот потег на Коѕијас наиде на реакција од македонска страна. Од кабинетот на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска посочија дека јавното соопштување крајни позиции може да го намали просторот за разговори.

„Од наша страна има добра волја за заемно прифатливи решение кое ќе ги почитува интересите, достоинството и идентитетот на двата народа.  За да дојдеме до решение ќе биде нужна добра волја и од другата страна“, се наведува во реакцијата од Кабинетот на шефот на дипломатијата.

Нимиц утре од Атина доаѓа во Скопје да ја слушне и македонската страна за последниот негов предлог за решавање на спорот.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ