
Нимиц во Скопје – се надева на добри средби со македонската страна
Нимиц пристигна во Скопје за да го слушне ставот на македонската страна за последниот предлог кој го даде за надминување на спорот за името. На доаѓање кратко изјави дека очекува добри средби во Скопје.
„Имавме добри средби во Атина и се надевам дека ќе имаме добри средби и тука. Се радувам на средбите со владата и со другите водечки личности“, изјави Метју Нимиц, посредик од ОН во спорот за името.
Нимиц во земјава ќе се задржи до утре кога се закажани одделни средби со Иванов, Заев, Димитров, Мицкоски и Ахмети. Тој вчераа од Атина по средбите со грчката страна испрати порака дека е време за одлуки, но не сакаше да зборува за својот предлог за решение. Притоа рече дека освен неговите идеи, свои предлози за надминување на спорот може да имаат и двете страни.
Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас вчера најави дека кон средината на февруари грчката страна на Македонија ќе и достави нацрт-спогодба во која ќе бидат содржани предлози за името, иредентизмот, меѓународни и регионални односи на Македонија и мерки за позитивна агенда, а во која другата страна ќе може да бара измени, да има свои предлози, модификации, поточно дека спогодбата нема да биде земи или остави.
Од Владата денеска потврдија дека знаат за спогодбата која ја подготвува Грција.
„Разговорите и преговорите се водат под медијаторство на Метју Нимиц во рамките на ОН. Во рамките на таа рамка се водат и директни средби меѓу МНР на двете страни, а после Давос знаете дека тоа се крена еден степен погоре на премиерско ниво. Разговорите, преговорите, се водат, така што взаемно ги работиме сите работи, заедно“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Владата на Македонија.
Бошњаковски го повтори ставот на владата дека сега е вистинското време да се изнајде решение за спорот околу името. Како што рече, постои политичка волја и градење на односи со Грција кои што се на едно повисоко ниво од кога било до сега.
„Став на владата е јасен – од наша страна имаме добра волја за взаемно прифатливо решение кое ќе ги почитува интересите, достоинството, идентитетот на двата народа, а за да дојдеме до ова решение потребна е нушна волја и компромис од двете страни“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Владата на Македонија.
Во контекст на добрата волја од страна на Македонија за надминување на спорот најави дека наскоро со одлука на владата ќе бидат сменети имињата на автопатот и аеродромот „Александар Велики“. Бошњаковски на новинарско прашање дали се водат преговори меѓу коалиционите партнери во владата за тоа дали за евентуално решение за името ќе се оди на референдум или не, одговори дека такво нешто нема и дека референдум треба да има.
Тамара Грнчароска