Нимиц: Средбата Заев-Ципрас историска, постои динамика за договор

По одвоените средби со грчките партиски лидери, и студениот туш за националниот консензус од опозицискиот лидер Мицотакис, грчкиот премиер Алексис Ципрас имаше обраќање до јавноста. Рече дека е отворена можноста за решавање на спорот откако новата Влада на Заев покажа волја да преговара за заеднички прифатливо решение на проблемот што ги влоши односите меѓу двете земји изминатите 25 години.

Грчкиот премиер им објаснил на лидерите дека новата Влада во Скопје ја отфрлила иредентистичката реторика на своите претходници, што де факто ги интензивираше преговорите.

Преименувањето на аеродромот и автопатот ги нарече симболични потези кои сепак не го решаваат проблемот.

“Постигнат е напредок, но има уште многу пат додека стигнеме до заеднички прифатливо сложено име со географска или временска одредница за севкупна употреба. И кога велам севкупна употреба, тоа значи и меѓународна и внатрешна употреба на името“.

За грчкиот премиер решавањето на проблемот не е обврска кон трета страна, туку е  долгорочен национален интерес и предуслов за стабилност на Балканот. Затоа на своите политички противници им порача дека тоа не треба да биде предмет на внатрешни политички судири, затоа што “ сите треба да сфатат дека нерешавањето и губењето на шансата за решение ќе биде на штета и на Грција и на стабилноста на регионот“.

Ципрас потсети дека не е случајно што овие 25 години повеќето членки на ООН ја признале земјата под уставното име, а Македонија е содржана и во привремената референца. Оттаму, политичките сили кои ја искористуваат чувствителноста на Грците ги нарече лицемери.

“Затоа е потребна патриотска подготвеност да се постигне најдобро можно решение, но не е време, а тоа Грците го научија на потежок начин, за националистички изливи и фанатизам“,

Во пресрет на неделата во која Нимиц ќе ги посети грчката и македонската престолнина, медијаторот даде интервју за грчкиот Катимерини, каде средбата на Заев и Ципрас ја оцени како позитивна, важна и од историско значење. Нимиц најавува можност за премин кон брз процес со цел да се постигне позитивен резултат за неколку месеци.

Според „Катимерини“, Нимиц предлага широка употреба на новото име од моментот кога нашата земја ќе се интегрира во Европската унија, но не пред завршувањето на интегративниот процес, а во меѓувреме новото име да се користи во меѓународни организации и форуми.  Во однос на трети земји, според „Катимерини“, ѝ се предлага на секоја земја да има право да го употребува името или на македонски јазик, или на англиски или да го преведе на кој јазик сака.

„Ако на пример се одбере „Нова“ или „Горна Македонија“, многу земји ќе го користат англиското име „Republic of New Macedonia“ или Republic of Upper Macedonia“. Други, меѓу кои и Грција, ќе можат да го користат словенското име „Република Нова Македонија“ или „Република Горна Македонија“. Во истата рамка, во однос на промена на Уставот, Нимиц смета дека тоа е во надлежност на политичкото раководство на ПЈРМ и на професорите по уставно право во земјата“, како што потенцира извор од ООН, пишува „Катимерини“.

Специјалниот амбасадор од ОН, на 29 и 30 јануари ќе биде во Атина, а на 31 и 1 февруари се очекува да ја чуе и страната во Скопје.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ