Нимиц: Предлогот за името ќе го содржи терминот „Македонија“

Предлогот за решавање на спорот за името ќе го содржи името „Македонија“. Ова го изјави посредникто од ОН во спорот Метју Нимиц за грчката он-лајн телевизија Антена1.

  • „Да бидеме реални. Сега името на државата во ОН е Поранешна угословенска Република Македонија. Значи терминот Македонија сега е вклучен во името во ОН и е признаена од Грција со тоа име. Над 100 држави ја признаваат државата како Република Македонија, што значи дека терминот „Македонија“ го признаваат повеќето држави. Така што името Македонија е поврзано со оваа земја и мислам дека можеме да најдеме решение кое ќе ги исполни грчките барања, но исто така ќе ги задоволи и луѓето кај северниот сосед.“, изјави посредник од ОН во спорот за името, Метју Нимиц.

Изјавата на Нимиц доаѓа во пресрет на новата рунда разговори денеска во Њујорк со македонскиот и грчкиот преговарач, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, при што тој посредно укажа двете страни да не очекуваат сосема нов предлог за името, велејќи дека предлогот ќе биде нов оти доаѓа во ново време.

  • „Никој нема да измисли нешто сосема ново. Ако имаше нешто сосема ново, тоа ќе го откриевме во изминатите 25 години“, изјави посредник од ОН во спорот за името, Метју Нимиц.

Најавата на посредникот дека предлогот ќе го содржи името Македонија, доаѓа како ладен туш за се погласните повици во Грција дека сложеното име како предлог за решавање на спорот не смее да го содржи терминот „Македонија“.

Ваквиот став на Нимиц е прифатлив и за грчката влада. Заменикот министер за надворшени работи, Јанис Аманатидис, во изјава во која не ја отфрла употребата на терминот „Македонија“ во новото име, вели дека повеќе од 140 земји ПЈРМ веќе ја именуваат со името Република Македонија. Сепак, Аманатидис подвлекува дека постојат други параметри  кои ќе влијаат на преговорите и оти грчката дипломатија се уште не ги открила своите „цревни линии“. Неговиот колега исто така заменик-шеф на грчаката дипломатија Јорго Катроугалос пак во друга изјава ја смирува грчката јавност дека “ништо не е дадено“.

Средбата на Нимиц со преговарачите Наумовски и Василакис е закажана околу пладне во Њујорк. Нимиц во својата последна изјава околу процесот на преговорите изразува оптимизам дека сега постојат услови да се надмине спорот.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ