
Николовска: Секое изнесување докази во јавноста за „Рекет“ е противзаконско
Секое изнесување докази во јавноста додека трае истрагата за Рекет би било противзаконско, но од лидерот на опозицијата Мицковски вчера чувме само закани, лично смета судијката Цаца Николовска. Од опозициската ВМРО-ДМНЕ, пак, и денеска повторија дека случајот будно ќе го следат, и ако власта се обиде да го одолговлекува или да влијае, ќе ги објават документите што до нив ги доставиле свиркачи, а ги има и Јавното обвинителство. Порачаа никој да не си игра со правдата, одговорност ќе сноси секој индивидуално.
„Истрагата или предистрагата се во одредена ситуација, постапка, каде одредени искази, докази, не се презентираат на јавноста. Секое изнесување на овие материјали е противзаконско и мислам дека тука треба секој во рамките на својата надлежност да преземе активност. Но повторувам, вчера слушнавме само закани и покажување на листови, во кои не знаеме што пишува. Заканите беа насочени кон тие што беа упатени. Сите ние слушнавме што кажа лидерот на опозицијата. Јас тоа го ценам како одредена закана, што не мора да значи дека сите така го ценат“, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во судот за човекови права во Старзбур.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека не ја поткопуваат истрагата и не вршат кривично дело, во изминативе години, велат, на илјадници емисии по медиуми се објавуваа записници со имиња и презимиња, па никој не го покрена ова прашање. За ова, нагласуваат, имаме и регулатива.
„Од друга страна, оние што ги доставиле увиделе дека станува збор за прикривање, станува збор за водење на постапка на незаконит начин. И исто како и нас борејќи се за правда и правичност, за доследна примена на законите ги доставиле затоа што веруваат дека нема да оставиме така да се заврши. Меѓутоа еве ги повикувам доколку навистина сметаат дека станува збор за кривично дело нека дојдат тука, знаат каде живееме, нека не уапсат“, вели Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Не откри дали свиркачите им се од јавното обвинителство, а до одржување на пресот, Мицковски не бил повикан таму да даде информации, но очекувано е тоа да се случи. Од партијата прашаа и каде завршиле парите од Рекет, но и дали премиерот Заев „е исплашен да не се дознае дали со нив е финансирана кампањата на претседателот Пендаровски“.
Од владејачката СДСМ, пак, велат дека Мицкоски случајно или не признал дека ВМРО-ДПМНЕ има материјали од предистражни дејствија, односно од нелегално следење на комуникациите.
„Поседување на изјави од предистражни дејствија и наредби од истрага е кривично дело, а оној што ги споделил таквите документи не може да биде свиркач туку вршител на кривично дело. Манипулациите со вакви документи пак ја поткпува истрагата и целиот процес за случајот Рекет“, вели Костадин Костадинов, СДСМ.
Му порача на лидерот на опозицијата дека неговите, како што ги нарече, јалови обиди да се попречи правдата и да се спасат криминалците од одговорност, со сигурност ќе пропаднат.
Нина Нинеска Фиданоска