
Николоски: ВМРО-ДПМНЕ расчистува со минатото
ВМРО-ДПМНЕ најави прочистување на партијата. По денешната седница на Централниот комитет на која побара да бидат исклучени поранешните високи функционери Сашо Мијалков и Никола Тодоров, партијата соопшти дека завршува со хипотеките од минатото, дожвува своја катарза и продолжува напред силна, реформирана и единствена во идејата за Македонија.
По завршувањето на седницата на ЦК, потпретседателот на партијата Александар Николоски го обвини Сашо Мијалков, за „коалиција со Зоран Заев“.
Тој рече дека причините за нивно исклучување се исти со оние поради кои се разрешени потпретседателот на партијата Митко Јанчев и членот на Извршниот комитет на партијата, Костадин Богданов.
„Заради дејствување спротивно на интересите на вмро дпмне но и на македонија заради силна соработка со Зоран Заев како и организирање група за притисоци уцени закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНE и коалицијата со цел да гласаат за уставните измени а корисетејќи најниски методи ЦК го разреши потпретседателот на партијата Митко Јанчев. Согласно статутот на партијата тоа го направи со тајно гласање на кој сите гласаа тој да биде разрешен. Заради истите причини побара од матичните општински комитети да поведат дисциплинска постапка и да ги исклучат oд членство Сашо Мијалов и Никола Тодоров“, рече Николоски.
Тој го повика обвинителството по допрен глас да ги истражи наводите за притисоци, закани уцени и поткуп на пратеници.
„Сакаме да ја честитаме новата криминална коалиција во Македонија Зоран Заев – Вице Заев – Сашо Мијалков“, рече Николоски.
Тој кажа и дека ВМРО-ДПМНЕ има силен механизам изграден во рамки на партијата кој секогаш успева да ја прочисти партијата.
„Имавме седница на длабока анализа на внатрешно прочистување и верувајте од денес ништо повеќе нема да е исто“, рече Николоски.
М.Д.