Николајчо Николов: Безбедноста во рудниците секогаш е многу потребна и важна

28 Август е Денот на македонските рудари во земјава. Во источна и североисточна Македонија, каде се наоѓаат четири големи рудници овој ден особено  се слави. Патронен празник е на рударите од „Саса“ во Македонска Каменица, „Злетово“ во Пробиштип, „Тораница“ во Крива Паланка и „Бучим“ во Радовиш.

Господине Николов годинава што измина по што ќе биде запаметена во рударскиот сектор? Дали по производството или по негативната кампања за рударскиот сектор?

Во рударскиот сектор повеќе години наназад има континуирано добро производство, со исклучок на рудниците за градежен камен, каде производството варира во зависност од градежната динамика во републиката.   Периодот помеѓу двата рударски празника несомнено ќе биде запаметен по негативната кампања против рударството во Македонија. Чудно е, и за нас остана уште неразјаснето, што се случуваше во овој период во нашата земја. Интересно е да се одбележи дека на заедничките форуми никој не се изјаснуваше  против здрава животна средина, но имавме голема разлика за тоа кој како го подразбира овој поим. Во земјата одеднаш се појавија „рудници на смртта“, иако одредени рудници работат 40 и повеќе години и од еколшки аспект, секојднево се подобруваат условите и можеме слободно да кажеме дека одредени рудници  во Македонија работат на европско ниво, што и официално го имаат потврдено многу меѓународни експерти. Чуден е фактот што и покрај многуте директни покани невладините организации не сакаат да ги посетат рудниците и на место се запознаат со фактичката состојба, а логично е дека можат да датат и корисни предлози. Исто така зачудува фактот што и понатаму се инсистира на донесување на измени на Законот за минерални суровини, што се селективни, недоречени  и неприменливи во пракса. Не е јасно зошто тоа се прави по кратка постапка и се бега од широка јавна расправа. На кого ќе му служи овој закон  и дали    има одреден популизам и лични амбиции и желби.

На повидок е отварање на најголемиот рудник за бакар и злато „Иловица“ во струмичкиот регион. Граѓанскиот сектор и екологистите се против неговото отварање, кој е ставот на Македонската асоцијација за рударство?

„Иловица“ преставува сериозен рударски потенцијал во нашата држава. Станува збор за специфична локација, над плодното и драгоцено Струмичко поле, и психолошкиот момент по мене е разбирлив. Владата има тешка и сериозна задача и по мене можеби во земјата треба да се почне со размислување за окрупнување на рударскиот сектор за експлоатација на обоените метали. Јас лично сметам дека би било оправдано преработката на бакарната руда до добивање на бакарен концентрат да се сконцентрира на едно место. На пимер.„Бучим“ работи речиси 40 години, стекнати се рударски навики, изградена е инфраструктура. „Бучим“ произведува годишно околу 10.000 тони бакар во бакарен концентрат. Доколку се изработи физибилити студија и се покаже оправданост за транспорт на рудата до „Бучим“ тогаш во „Иловица“ би бил само површински коп што никако нема да го загрозува Струмичкото поле. Во „Бучим“ би се произведувале 30.000 тони  бакар и значително количичество на злато, би се создале услови за мини металуршки капацитет и производство на бакар и злато во Македонија. Со сопствениот бакар  може да се активираат фабриките за кабел во Неготино. Нови вработувања, зголемена добивка, нови придобивки во Македонија. Ова размислување е без конкретна анализа, што лесно може да се направи, без разлика кој би бил идниот сопственик на ваквите рударски-металуршки капацитети. Ние како МАР не можеме да имаме конкретен став за секој рудник, бидејки и не располагаме со конкретни детали, но генерално сме за поддршка на рудниците и сакаме да докажеме дека во земјата може да биде „и“ „и“, а не или или,. Од МИНЕКС Конференцијата за рударство, која се одржа оваа година,  преку многуте научни трудови се  покажа дека тоа е можно. Ние од рударскиот сектор благовремено си извлековме поука дека многу повеќе треба да работиме со локалното население и на тој начин благовремено да се избегнат недоразбирањата. Не може да се отвараат нови рудници, ако за тоа нема интерес  од локалното население.

Потребна ли е поголема безбедност во рудниците, во рок од една  недела имаме две жртви во овој сектор?

Здравјето и безбедноста во рудниците секогаш е многу потребна и важна. Сочуство до  семејствата на загинатите рудари и до рудниците каде се случија истите. Од друга страна, како раководства  на рудниците, мора да изнајдеме начин да го подигнеме нивото на самосвеста и одговорноста на самите рудари.

Потребни ли се измени во Законот за минерални суровини, што е еден од законите во кои неколкупати се интервенираше?

Законот за минерални суровини е еден од најчесто менуваните закони во последните десетина години. Сигурно како и секој друг закон, потребно е негово усовршување. Сигурен сум дека тоа не треба да биде по скратена постапка, туку врз база на издржани предлози и мислења од стручната и правната фела во земјава.

Пред една деценија имавме обоени реки, проблеми со хидројаловиштата. Дали рудниците ги решија овие еколошки проблеми ?

Рудниците за обоени метали имаа сериозна криза во периодот 1995 до 2005 година и поголем дел од нив отидоа во стечај или ликвидација. Тогаш многу градови во Македонија, кои беа и настанати како потреба на рудниците, дојдоа во многу тешка состојба. Паралелно со ова беа запуштени одделни витални делови на рудниците: коповските одлагалишта, хидројаловиштата, и се појавија обоени реки и водотеци. Со приватизацијата на рудниците за обоени метали во периодот 2005-2006 година состојбата рапидно се подобри. Тука секако придонесоа и инспекциските органи од областа на животната средина, кои со строгите мерки ги натераа рудниците да мислат не само на профитот, туку и на животната средина. Влијанието врз животната средина не е еднократно прашање. Тоа е жива материја и постојано треба да се инвестира и мисли на околината.

Вие сте и заменик менаџер на рудникот „Бучим“, дали ја доставивте документацијата за отварање на новото рудно тело „Боров дол“, што треба да го продолжи работењето на единствениот рудник за бакар во земјава?

Рудникот Бучим следнат година ќе одбележи 40 години од своето постоење. Овој рудник бил проектиреан да работи само 17 години. Но со правилниот пристап во раководењето векот значително му се продолжи. Но мора да се спомне дека 2019 година практично е и последна година на експлоатација на Бучим. Затоа раководството на Бучим и инвеститорот од поодамна работат на отварање на новото рудно тело Боров Дол, што треба да биде подготвено да дава руда од 2020 година. Практично сме во доцнење, а една од причините е и негативната кампања против рударството и стравот на инвеститорите. Барањето дозвола за експлоатација коплетирано со потребните документи го предадовме вчера, во пресрет на празникот и очекуваме  Министерството за економија во најкратко можно време да ни ја даде дозволата за експлоатација и на тој начин барем малку да го надоместиме изгубеното.

28 Август е Денот на рударите. Според вас ќе има ли зголемување на платите на македонските рудари?

Животниот стандард на рударите сигурно е едн од најважните прашања што треба да го имаат предвид сопствениците и инвеститорите. Јас немам точни податоци од другите рудници за тоа какви се нивните планови околу зголемување на платите. Ние во Бучим, вклопувајќи се со мерките на Владата за зголемување на животниот стандард на работниците, во септември 2017 година ги зголемивме платите за 10 отсто и од 01.01.2018 година за уште 10 отсто, така што првото полугодие од 2018 година просечната нето плата во Бучим е 544 евра. Платата редовно се исплаќа со сите придонеси. Во оваа година немаме можност за ново зголемување. Рударите во Македонија, во границите на своите можности, ќе го одбележат својот празник 28 август, а на 31 август ќе се одржи централната прослава во организација на Министерството за економија, во Скопје, каде ќе бидат наградени најдобрите рудари од македонските рудници. Инаку, во рударскиот сектор во републиката работат над 12.500 работници (заедно со преработувачкиот). Рударството во Македонија учествува со еден отсто во БДП, а околу 9,5-10 отсто во индустрското производство.Вкупниот извоз од рудниците на обоени метали е околу 160 милиони долари, а увозот е околу 60 милиони долари. Односот на увозот и извозот кај неметаличните суровини е многу понегативен.

Викторија Димитрова – Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ