
Никола Митревски – Кољо се криел во земјава, обвинението ќе се проиширува за него
Никола Митревски – Кољо кој сам се предаде, а беше во бегство четири месеци цело време се криел во земјава дознава Телма. Тој вчера се предаде во полициска станица како еден од осомничените за настаните на 27 април во Собранието. Но не кажал ништо повеќе, ниту каде точно, ниту со кого се криел. Од обвинителството за Телма велат дека сега Митревски ќе биде повикан на распит по што се очекува дека обвинението ќе биде проширено и за него.
Тој е еден од четворицата осомничени кои ги нема во обвинителниот акт за крвавиот четврток, бидејќи беа недостапни на полицијата. Меѓу останатите кои се уште се бараат со меѓународна потерница се и другарот на Кољо, Александар Василевски Нинџа како и Давидовски Дејан и Питроповски Митре.
Инаку според обвинението токму непознат човек од обезбедувањето на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, му се јавил на Нинџа во 14.30 со наредба да мобилизира луѓе за упад во Собранието. Од обвинителството не сакаат да одговорат дали знаат кои луѓе биле со Груевски како обезбедување во Виена, од каде е остварен телефонскиот повик и дали и тие се повикани на распит.
„Прашањата кои ги поставувате навлегуваат во детали од постапката, кои Јавното обвинителство не може да ги сподели со јавноста. Кога ќе се создадат други услови а согласно законот за Кривична постапка обвинителството ќе ја запознае јавноста“, ни одговорија од јавното обвинителство.
Инаку од вчера Никола Митревски е во притвор заедно со петтемина вработени во МВР обвинети за Терористичко загрозување на уставниот поредок, меѓу кои и поранешниот директор на БЈБ Митко Чавков. Нивните адвокати ќе се жалат на ваквата одлука на Кривичниот суд, бидејќи претходно Врховниот суд ги пушти во домашен притвор. Од обвинителството пак за Телма велат дека нема да се жалат на одлуката на кривичен обвинетите пратеници да бидат испратени во куќен а не во затворски притвор.
Бијлана Николовска