Никако да почне судењето за предметот „Тотал“

Се менуваат судии, се одлагаат рочиштa. По една година и четири месеци од првиот закажан термин за судење предметот „Тотал“ против Драган Павловиќ Латас  за даночно затајување се уште е на почеток. Денеска се одложи поради отсуство на адвокатката на една од фирмите. Не беше присутна на стартот на судењето а нејзините колеги најавија дека поради други обврски може да задоцни повеќе од половина час, по што судот закажа нов термин за 8-ми април

Од последниот извештај на СЈО може да се констатира дека овој предмет е рекордер во одложувања. Од 7 закажани рочишта во рок од 6 месеци сите се одложиле. Некогаш причина бил судот, некогаш одбраната. Во овие 6 месеци сменет е и судијата. Поради бременост на претходната судијка во декември предметот го добива актуелниот судија Ѓоко Ристов поради што судењето се враќа на почеток.

Според обвинението во овој предмет Латас одговара дека во периодот од 2008 до 2016 година како сопственик или управител на три фирми, со намера да избегне делумно плаќање на даноци, во книговодствената евиденција и завршните сметки давал лажни податоци. Со тоа се утврдувал и понизок износот на данокот кој треба да се плати. На овој начин тој и фирмите избегнале да платат данок од над 120 илјади евра

Тој е обвинет и во предметот „Тревник“ заедно со неговите двајца браќа. СЈО ги гони за бесправна изградба на куќи во Зелениково. Според обивнението Латас  во јули 2011 година без одобрение за градење започнал со градење а дури после година и половина во декември 2012 година, до општината доставил барање за градба.

За разлика од „Тотал“ во „Тревник“ веке се сослушуваат сведоци и последниве 6 месеци, 8 рочишта се одржале а две се одложиле, едното поради технички проблеми со снимањето а последното поради отсуство на Латас. Адвокатката го оправда со медицинска документација за воспаление на средно уво.

Според шест месечниот извештај на СЈО и други предмети се со висок процент на одлагање. „Насилство во општина Центар“ (8 рочишта одржани, а одложени се 10 рочишта)  „Топлик“  за Сончев град против ексминистерот Јанакиевски (од 6 закажани 6 рочишта биле одложени)  „Титаник 3“  против пратеникот од ДУИ Ејуп Алими  (11 рочишта одржани, а одложени се 8 рочишта) „Таргет Тврдина“ против Мијалков Јанкуловска и др (6 рочишта одржани 5 одложени), „Тврдина 2“  против бегалецот од УБК Горан Грујевски (5 рочишта се одложени).

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ