Независниот полициски синдикат бара воведување нови стандарди за контрола на патиштата

БМВ во пламен, полициско возило исфрлено од патот, возач на камионот во крв и укажување прва помош на повредените.

Сето тоа се гледа на ова аматерско видео на кое е снимена вчерашната сообраќајна несреќа на Скопската обиколница, на патот за Тетово.

Во неа животот го загуби еден полицаец и совозачот од БМВ-то. По повод несреќата, од независниот синдикат на полицијата бараат воведување европски стандарди за безбедност во сообраќајот и запирање на праксата, сообраќајните полицајци физички да бидат присутни на патиштата и да контролираат.

“Ние кога патуваме низ Грција не гледаме сообраќајни полицајци. Кога патуваме во Австрија , нема сообраќајни полицајци. Меѓутоа има камери на секој чекор и на секој мост. Има сигнализација која сигнализира и дава информација до возачот дека движењето на таа делница е 50 км на час. Не може повеќе од 130 км на час. По движењето од 130 км на час, автоматски се вклучува камерата која го слика автомобилот и тоа ќе се регулира со работа на Поштата, која ќе му врачи казна на граѓанинот, кој ја прекорачил брзината. И нема да гинат полициски службеници”-изјави Претседателот на независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев .

Да се организира панел дискус за воведување видео назор на патиштата и да се донесе нов Закон за безбедност во патниот сообраќај, дополнува Делчев.

Од МВР признаваат дека немаат камери на патиштата и дека сегашната законска регулатива налага присуство на сообраќајната полиција на терен.

“Нема поинаков начин за контрола на сообраќајот на патиштата зашто присуството на полицијата е регулирано со закон” – соопшти МВР.

Несреќата кај Скопската обиколница, за која денеска сведочат само трагите на автопатот, се случила откако полициска патрола запре БМВ со гостиварски регистарски таблички поради недозволена брзина.

А, во тој миг во возилото удрил камион кој бил зад него.

Од Ургентниот центар велат дека и покрај оперативниот зафат, од тешките повреди, полицаецот починал по 45 минути, а неговиот колега кој се здобил со гребнатини по опсервацијата е пуштен на домашно лекување.

Возачот на БМВ е во стабилна состојба и се наоѓа во Единицата за интензивно лекување на КАРИЛ.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ