
Невработеноста 20,8 отсто, европските стапки уште се далеку
Благо намалување на невработеноста за 0,3 процентни поени во третиот квартал измери статистика. Бара работа 20,8 отсто од активното население. Иако ова е мало подобрување, вели синдикатот, невработеноста и натаму треба да е централна тема за власта, стапката да се сведе на европските граници од 5 до 6 проценти, само тие гарантираат пристоен живот.
Кризата и неизвесноста од политичките турбуленции конечно поминаа, социјалниот дијалог почна да функционира, а резултат треба да дадат и владините мерки за вработување, вели синдикалецот Драги Јовановски.
„Очигледно е дека почнува да функционира инвестирањето, до вчера работовачите не беа сигурни што да прават, дали да вработат еден до двајца вработени или да ги отпуштат и тие што ги имаат. Сега се ослободија од тој страв, тоа е добро, и мислам дека самата клима влијае врфз работодавачите, па и врз работниците“, вели Драги Јовановски, претседател на Мултиетнички синдикат за образование.
Граѓаните не гледаат подобрување, се сомневаат во статистичките бројки, а сметаат и дека падот се должи на масовното иселување.
„Имам сигурно десетина другари што се иселиле, кој во Лондон, кој во Австралија. Не се реални бројките. Нема развој на приватниот сектор, за малите и средни фирми треба даночни и други ослободвања, за да може да вработуваат“, вели еден граѓанин.
„Граѓаните почнаа и да бираат што ќе работат, со странските инвестиции чекаат и подобри прилики, никој веќе не сака да работи за 200 до 300 евра“, вели друг граѓанин.
Во третото тримесечје, од активно население од близу 959 илјади лица, вработени се 759. 445, а 199.325, се невработени. Најголема е стапката на невработеност кај младите, кај оние од 25 до 49 години изнесува 45,8 отсто, од 15 до 24 години невработени се 20,8 проценти, а стапката на невработени кај категоријата од 50 до 64 години е 16,5 отсто.
Според Светска банка, за невработените во земјава перспективите не се сјајни, над 80 отсто бараат работа повеќе од една година, а над 70 проценти немаат никакво претходно работно искуство.
Владата мора да преземе посилни и посоодветни мерки, сугерираат експертите.
„Проблемот лежи во буџетот, да се донесе добар развоен буџет, а не парите да се трошат за креденци и маси во канцелариите на администрацијата, туку тие пари да се потрошат во стопанството, ако државата фрли 5 пари во стопанството, ќе и се вратат 10 до 15 преку претпријатијата. Во овој буџет има доста развојни компоненти, но зависи дали тие и практично ќе бидат реализирани“, вели Јовановски.
Мора многу да се инвестира во образованието, кое е од претходниот систем, па се доведуваме во ситуација, од една страна да имаме висока стапка на невработеност, а од друга, недостиг од соодветни профили во фирмите.
Од вкупниот број неработени мажи се 122.957, додека жени 76.368. Најголеми работодавачи во земјава се преработувачката индустрија каде работат над 153 илјади лица, земјоделството со 130 илјади и трговијата со 110 илјади лица.
На крајот на минатата година стапката на невработеност изнесуваше 22,4 отсто.
Нина Нинеска-Фиданоска