Невкусно е по митинзи, барајте законски постапки, порака до Мицкоски од оние кои ги прозва на митингот на ВМРО-ДПМНЕ пред судот

По вчерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во кој опозицискиот лидер Мицкоски побара нов обвинителски тим за Заев и ревизија на работата и одлуките на Врховниот суд, посочените сметаат дека треба да се почитуваат законите кои ги опфаќаат тие барања.

48 часа поминаа од објавување на аудио материјалите, уште нема истрага, обвини вчера опозицискиот лидер Мицкоски кој ги предводеше протестите против неправдата на ВМРО-ДПМНЕ со транспарент „Заев е виновен“.

На протестот покрај Заев, името на Русковска беше најспомнувано. Мицкоски ја обвини дека му служи на Заев наместо да му поднесе обвинение, побара нов обвинителски тим за случајот, но побара и ревизија на работата и на одлуките на сите врховни судии.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека снимката на Милошоски покажувала како тие работат по диктат на Заев.

Од судскиот совет и посочената Рускоска одговараат дека доколку сака има законска можност за ревизија и за барање индивидуална одговорност на судиите и на обвинителите.

-Го бараме следното: Прво, покренување на истрага за злоупотреба на службената должност од страна на Зоран Заев кој се меша во обвинителски и судски постапки, и одлуки на Врховниот суд. И тоа истрага од тим на обвинители кои нема да ги одбере Рускоска, поточно Зоран Заев, туку обвинители во кои ќе има доверба експертската јавност како гаранција за непристрасност и независност. Мора да има обвинение по кое Зоран Заев ќе одговара за злоупотреба на службена должност и попречување на правдата и понижување на државата. Второ, согласно Уставот, Врховниот суд  на Република Македонија е највисок суд во државата и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите. Кога врвот во судството не ви чини, тогаш надоле е труло. Кога во врвот слушаме дека се диктирале одлуки од премиерот значи дека правдата целосно затаила. Затоа бараме итна и неодложна ревизија на работата на Врховните судии без исклучок и ревизија на нивните одлуки, рече вчера на протестот Христијан Мицкоски, претседатл на ВМРО-ДПМНЕ.

-Мислам дека е многу невкусно лични имиња да се користат во предизборна кампања. Доколку кој било има замерка на моето постапување тоа треба да го пријави. Ако нема доверба во јавниот обвинител на Република Македонија, тогаш до Советот на јавните обвинители, вели обвинителката Вилма Русковска.

-Ревизии односно контрола на веќе донесените одлуки може да се прави само доколку постојат законски услови за тоа. Доколку не постојат законски услови, не може да се излезе вон правниот систем. Проверка и укинување или промена на одлуки кои се донесени пред 10, 15 години ќе придонесе за правна несигурност на граѓаните и во државата. Доколку има сомнежи за определен судија се поднесува претставка со докази за да се утврди негова одговорност, изјави Кирил Здравев, претседател на Судскиот Совет на РСМ.

Опозицијата обвинува за партизирана правда, додека владеачката СДСМ им одговара дека им е страв од кривична одговорност. За 8 дена и двете партии одржаа собири пред судот- едни за правда, други против неправдата.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ