„Невидливо“ поевтинување на струјата

Само 0,1 проценти, минимално поевтинување на струјата објави денеска Регулаторната комисија за енергетика. Од стартот на идниот месец граѓаните ќе добиваат пониски сметки за само 0,1 отсто, или за сметка од 2000 денари, на пример, намалувањето ќе биде за само два денари.

Незначителното намалување на цената на струјата од Регулаторната комисија за енергетика го правдаат со фактот што, како што велат, електричната енергија за граѓаните веќе поевтинела за близу 4 проценти, со воведувањето на евтината тарифа во септември минатата година.

И покрај големите заштеди што ги направил производителот ЕЛЕМ, чија цена за производство се намалува за 3,39 отсто поради драстично намалените трошоци кај рудниците, лани за дури 20 милиони евра, како и поголемите приходи остварени од МЕПСО кои придонеле неговата цена за пренос да се намали за 5,34 проценти, цената на струјата за крајните потрошувачи не можела позначајно да се намали, поради загубите на ЕВН настанати од евтината дневна тарифа, 4,6 милиони евра за 2017 и 10 милиони евра за 2018 година.

„Минатата година при пресметките на РКЕ не го зедовме предвид воведувањето на евтината тарифа, со неа потрошувачката на електрична енергија за време на евтината тарифа се зголеми, а во другиот период се намали, и тоа е причина што се намалија приходите на ЕВН“, рече Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Граѓаните со различен став, дел од нив велат дека почувствувале заштеди од евтината тарифа, други, пак, воопшто не се задоволни.

Регулаторите не очекуваат ценовни шокови за граѓаните кога целосно ќе се либерализира пазарот од стартот на идната година, ЕЛЕМ ќе мора идната година дури 80 отсто од струјата што ќе ја произведе да нуди за граѓаните, а во 2020 70 отсто, со што тие ќе бидат заштитетни.

Снабдувачите на слободниот пазар веќе се во реална конкурентска битка меѓу себе, вели Бислимовски, па очекува дека тие ќе мораат да им понудат граѓаните конкурентни цени на струјата, слично како цените кај телофонските услуги.

Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ