
Невидени безбедносни мерки за посетата на папата во Скопје
Папата навреме, пред 8 часот и 30 минути слета на скопскиот аеродром. Надлежните подготвени го пречекаа. Се поздрави со политичарите. Традиционално проба леб и сол и веднаш се качи во автомобил. Патот до вилата на Водно му беше брз и комотен.
Делегацијата од Ватикан беше превезувана преку затворениот автопат. Таму празно како и на многу скопски улици кадешто денес полицијата не дозволи да има сообраќај.
Денес е неработен ден за скопјани. Центарот на Скопје е максимално обезбеден – полиција на секое улично ќоше и на секој покрив на зграда.
Надлежните посебно се ангажираа за денешниот гостин. Папата е еден од највлијателните светски личности, па за ваков тип на посети важат и посебни правила во протоколот.
“Сето тоа бара, изискува еден многу висок степен на безбедност. Тоа е она што граѓаните ги бунеше во последно време – зошто се тргаат канделабрите, зошто се преместуваат дрвјата. Тоа е нешто на коешто ќе мора да се привикнеме. Тоа се највисоки безбедносни стандарди коишто треба да се испочитуваат на секоја висока државничка посета.” кажа Лукреција Маљковиќ – Атанасовска, директор на Академијата за протокол.
Посета на папата во регионот не е нешто што се случува често. Тоа е причина плус за големиот интерес – и кај посетителите на мисата, но и кај новинарите. 250 домашни и повеќе од 100 странски медиуми денес се собраа на едно место, во Скопје, за да ја пренесат посетата на поглаварот на Римокатоличката црква.
Градот дотеран ги пречека нив, како и посетелите од другите земји и главните гости – делегацијата од Ватикан.
Со засадени посебни видови на цвеќе, поткастрени дрва и исчистени улици. Сите служби со недели работеа за се да биде подготовено како што треба за неколкучасовната посета на папата во Скопје.
Петар Догов