Нетранспарентни постапки – скапи инфраструктурни проекти

Нетранспарентните постапки не само што ги забавуваат инфраструктурните проекти туку создаваат дополнителни трошоци и влијаат на животната средина. Доколку во постапката на одлучување навреме се вклучат жителите на конкретните региони, експертите и медиумите, бенефит ќе имаат сите засегнати страни. Според анализата спроведена од невладината Аналитика Тинк тенк, Македонија досега демонстрира само заложба за поголема транспарентност, а проектите се презентираат без јавни дебати или тогаш кога на нив веќе не може да се влијае. Таков е примерот со автопатот Демир Капија – Смоквица.

„Начинот на избор на фирмата Актор кажува дека постапката не била во корист на државата. Ако постапката била транспарентна, можеби проектот ќе се завршел порано и ќе чинел помалку“, вели Сања Ристеска од Аналитика тинк тенк.

Иако инфраструктурата треба да им служи на граѓаните проектите често не се дизајнирани според нивните потреби. Според невладините организации понекогаш проектите се резултат на притисок на инвеститорите, често се погрешно водени или се проекти за задоволување на нечии интереси.

„Најголемите грешки се прават во моментот кога се носат стратешките одлуки.Владата заедно со корпоративниот сектор се става во улогата на апсолутен господар на идните планови,не ја зема предвид макроекономската стабилност,дава приоритет на приватните интереси на големите корпорации кои учествуваат, а тоа негативно влијание врз животната средина“, вели Звездан Кадмар од „Чекор“.

Регионалната студија за проекти за јавна инфраструктура покажува дека инфраструктурните проекти често се нарушени поради недостиг на транспарентност или ризик од корупција. Во инвестициите доминираат енергетски штетните опции, автопатите и согорување на отпад но иако финансирањето е достапно за железница, енергија од ветер, соларна енергија и за рециклирање, владите во регионот велат од Аналитика, многу малку ги користат ваквите можности.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ