
Несертифицирани плински боци на пазарот?
На аматерски снимки направени викендов на бензинска пумпа на „Макоил“ се гледа како се точи плин во несертифицирани боци, објави вебсајтот МКД.мк.
Телма го побара првиот човек на компанијата Мите Јовановски, но тој одби да зборува со нас.
Видеото што го објавија од МКД е аматерско и трае триесетина секунди а има и две слики од друга локација.
Односно едната е на локација во Ново Лисиче, а другата е на локација кај стариот кванташки пазар.
Телма се обиде да контактира со Пазарниот инспекторат, но оттаму нема конкретен одговор за ваквата состојба на пазарот со нафтени деривати.
Плинските боци станаа актуелна тема во јавноста откако поради експлозија на една неисправна, во кумановското село Романовце на 23 февруари, на лице место починаа три деца, а уште четири подоцна го загубија животот.
Советниците од Куманово, на седницата кога прогласуваа ден на жалост во нивната Општина, упатија апел до државата да врши засилена инспекција за производителите и дистрибутерите на плински боци.
Петар Догов