
Непозната судбината на Ќосето
Во хала на фабриката МЗТ, Ќосето опкружен со остатоци од гипсани фигури ќе ја дочека конечната одлука. Колку ќе остане овде не се знае затоа што од здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадици и Крушоради кое го донираше, досега не одговориле на известувањето на градот Скопје. Од здружението деновиве се недостапни и за медиумите.
И додека за споменикот на Ќосето интерес пријавија и невладини, но и општината Сопиште сметките ги замрси судскиот процес пред граѓанскиот Суд и тоа не само за Андон Јанев Ќосето, туку и за уште 4 други споменици-донација од истото здружение. Здружението не платило за лиење во скопската железарница кој преку судски пат сака да си го наплати долгот, откри градоначалникот на Скопје, Шилегов.
Како што објавуваат медиумите на 7 септември 2014 година, утрото беа поставени 5 споменици донација на здружението за духовно обединување, Пере Тошев, Никола Петров Русински, Горги Сугарев, Генерал Михајло Апостолски и Андон Лазов Јанев- Ќосето. Лоцирани на потегот од универзитетската библиотека кај судовите, факултетите и кај Саем.
Од граѓанскиот Суд ни потврдија дека иматат заведено предмет против здружението по основ долг и дека е закажано судењето за 25.04.2018 година.
Спомениците, објектите и патот на парите за „Скопје 2014“ ги анализира и СЈО, но од таму велат дека се работи за обемен предмет во фаза на предистрага поради што други детали не октриваат.
Градоначалникот на Сопиште кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ пак се надева дека Ќосето ќе биде исправен на кружниот тек во општината и очекува одговор од здружението донатор. Но, вели не знае дали ќе има ново гласање откако советникот на Алијансата за Албанците, Гафури негираше дека кренал рака за Ќосето да биде донесен во Сопиште.
Гафури, но и советникот од ДПА, тројцата советници од СДСМ, рекоа дека биле против предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, Ќосето да се пресели во Сопиште. Од Алијансата за Албанците велат дека се оградуваат од гласањето на нивниот советник и дека во наредните денови дисциплинската комисија на партијата ќе дискутира за евентуален отказ.
Елена Ивановска Мукоска