Немало шеги со здравјето на Боки 13, тврдат од гастро додека Омбудсманот бил во неговата ќелија во Шутка

Бојан Јовановски, денеска доби посета во затворската келија. Тим од 4-ца службеници во канцеларијата на народниот правобранител бил во Шутка, разговарале со притворениот Боки 13-ка и извршиле увид и во затворската амбуланта каде се вршат лекарските прегледи на притворениците. Омбудсманот Мемети денеска рече дека ќе се проверува и целата затворска, судска и медицинска документација за да се провери дали на притворениот од Рекетот му е навистина загрозен животот и е во сериозна здравствена состојба како што вчера обвини неговиот адвокат Сашо Дуковски. Народниот правобранител вели дека ќе проверува и дали има докази и за евентуално измачување на Јовановски.

Од клиниката за гастро пак ги отфрлаат сите обвинувања на адвокатот и велат дека во амбулантни услови се врши колоноскопија на која треба да биде изложен Боки 13 поради проблемите со неговиот желудник. Ниту се шегувал некој лекар со него ниту одбил да го прегледа пациентот кој моментално лежи во Шутка, соопштија од клиниката.

  • Со образложение дека во притвор нема услови за прочистување, адвокатот на Б.Ј. бара тоа да биде направено во хоспитални услови, за што одлучува Судот. На пациентот Б.Ј. му беше закажан преглед во понеделникот, со план да се направи негова подготовка во болница, но тој не беше донесен. Истакнуваме дека внимателно ќе бидат разгледани новите медицински информации на пациентот, што за Стручниот колегиум на Клиниката, сепак е најбитно и ќе биде постапено согласно неговата здравствена состојба, сооппштија од Клиника за гастроентерохепатологија.

Адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски вчера излезе со тешки обвинувања дека не се презема ништо со сериозната здравствена состојба на неговиот клиент. Јовановски е во притвор повеќе од 4 месеци и е единствен од тројцата обвинети кој остана во Шутка. Обвинет е за примање награда за противзаконито влијание и за перење на пари. Парите, милиони и пол евра  кои ги добил од осомничениот во случајот Империја Орце Камчев ги потрошил на луксуз, тврди обвинителството.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ