
Нема жртви во пожар кој зафати зграда во населба Аеродром
Пожар во зграда во населбата Аеродром – жртви нема. Причинета е материјална штета. Според сведоштвата на станари и очевидци – причина за пожарот најверојатно се запалени гуми.
„Попладнево во Општина Аеродром, на улицата Владимир Комаров се случи пожар. Опожарени се подрумски простории, а по брзата интервенција на пожарникарите пожарот е локализиран“.
По пристигнатата дојава во противпожарната служба, испратени биле седум противпожарни возила со 20 пожарникари. Отежнувачка околност за нив, како што велат самите, беа и временските прилики и поројниот дожд. Апелираат до станарите, да ги расчистат подрумите од непотребен намештај за да се избегнат несакани ситуации во иднина.
Звонко Томески, Командант на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје – „Во самите коридори во подрумските простории, оставени беа најразлични материјали односно мебел, покуќнина, што било непотребно во домот, Тоа претставуваше дополнителна пречка за брзо интервенирање и поставување на целата опрема и техника што ни е потребна за гасење на вакви пожари. Внатре имаше висока температура што дополнително го отежнуваше самото гасење на пожарот“.
Очевидците на пожарот ја пофалија брзата интервенција на пожарникарите, а реагираат и на апелот на пожарникарите да ги расчистат подрумите на зградите.
„Ми јавија комшии на телефон, излегов и видов дим на скалите. Кога се симнав доле имаше пожар од подрумските простории. Ние сме разговарале на темата да се средат подрумите, но споро оди работата“.
Пожарна на терен реагираше со 7 противпожарни возила и 20 пожарникари, а станарите во опожарената зграда веднаш беа евакуирани.
Петар Догов