Нема трговија со органи уверуваат од полиција – се уште бараат каде се исчезнатите

Во Македонија не се случува трговија со органи и нема простор за паника одговори министерот за внатрешни на шпекулациите за исчезнатите луѓе. Некои од нив се уште ги нема, а некои се пронајдени мртви. На социјалните мрежи луѓето продолжуваат да шират гласини и сами да се мобилизираат. Сакаат да им ја завршат работата на инспекторите. Во меѓувреме, ѕвони телефонот во полиција и се пријавуваат сомнителни автомобили и сомнителни луѓе кои демнат на скопските улици. Јавноста паничи, а институциите не даваат конкретни информации.

Јас само апелирам до граѓаните за одговорен однос и одговорен пристап. Најлесно е да седите пред компјутер и да напишете нешто на социјалните мрежи што дополнително ќе ги вознемирува граѓаните. Вчера прочитав некакви информации за наводни исчезнувања, па после тоа се наоѓале луѓето со недостаток на одредени органи и така натаму. Апсолутно ги демантирам овие работи. Во врска со сите овие случаи на исчезнати лица пронајдени починати – се врши обдукција на нивните тела и точно се знаат извештаите“ кажа Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи

МВР води евиденција. Ги брои сите оние кои исчезнале низ годините и се уште не се пронајдени. Тие се вкупно 64 и се наведени на веб-страницата на Министерството. Последен на неа е Абдул Алибен. Излегол во петокот на први февруари од својот дом во Маџир Маало, со количка за пазарење. Оттогаш му се губи трагата. Во последните денови исчезна и жена од Драчево, чие тело е пронајдено во водите на Вардар. Вчера било пријавено дека го нема Горан Атанасовски кој потоа е пронајден мртов во провалија во Нерези. Лани во декември последен исчезна Пинета Секондо. Повеќе од 70 дена го нема, а неговата мајка ја моли полицијата да се ангажира за да го најдат.

„Две недели им се јавувам за да имам барем некоја информација и ми затвараат телефон. Веќе 2 недели МВР не ги интересира за моето дете. Ги молам да проверат дали барем има извадено пари од сметката“ напиша на Фејсбук Маја Трпковска, мајка на исчезнатиот Пино Секондо.

Фејсбук и Твитер се местата каде загрижените граѓани пишуваат и бараат полицијата да ја гарантира безбедноста, а исчезнатите да бидат пронајдени. Таму и ги шират теориите за тоа што се случува и каде се наоѓаат. И МВР одговори на Фејсбук – оние кои што со различни гласини ја вознемируваат јавноста – ќе бидат проверени од полицијата.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ