
Нема терапија во аптеките, се жалат лицата со епилепсија
Во аптеките нема лекови за луѓето коишто живеат со епилепсија. Ова хронично невролошко пореметување кое се карактеризира со напади бара редовна терапија секој ден. Лекот на рецепт чини 160 денари, а приватно пациентите треба да го платат десетпати поскапо – 1600 денари. Но, за лицата со епилепсија, достапноста на лекот е најголем проблем, ни кажа еден од нив.
„Јас во последниве три дена имам поминато со овие две аптеки денес – 26 аптеки. Значи конечно јас успеав да ги најдам лековите меѓутоа не заради тоа што јас многу барав по аптеките туку заради тоа што јас најдов човек што го познавам па успеа да ми ги обезбеди лековите. Меѓутоа, ако обичниот граѓанин ги бара лековите по аптеките – нема да ги најде. За еден човек да нема епилептични напади, мора секој ден да ја пие определената доза на лекови за да може нормално да функционира. Тоа е на некој начин како да му одземете вода или храна на човекот на којшто му треба да функционира.“ кажа Ангел Димитриевски.
Ангел Димитриевски ни кажа дека тој и лицата кои имаат таква хронична состојба речиси повеќе се исцрпуваат барајќи го лекот, а тоа штети на нивната и онака сензитивна здравствена состојба.
„Самото барање е мачно и за луѓе коишто живеат со состојба којашто бара да отсуствува стрес, бара одмор веројатно и им предизвикува проблем по здравјето.“ кажа Ангел Димитриевски.
Од Министерството за здравство тврдат дека има терапија за лицата со епилепсија. Во аптеките до скоро се наоѓале три лека од различен производител, а сега едниот од нив веќе не се произведува.
„Лекот од производителот Тева Израел во моментов не се произведува и од таа причина веледрогериите не можат да го дистрибуираат и го нема во аптеките.Пациентите се соодветно покриени со терапија, зашто лекот Тегретол и неговата генерика ги има во аптеките и истите можат да се подигнат.“ е ставот на Министерството за здравство.
Од Здравство ги повикаа лицата со епилепсија кои го примале лекот кој веќе не се произведува, да одат кај матичните лекари и да се префрлат на друг лек.
Петар Догов