Нема случаи на КОВИД во градинките во Тетово покажа скринингот

И покрај растечкиот тренд на заразени со Ковид 19 во Тетово и околината, добрата вест е што нема заболени вработени во детските градинки. Вкупно 190 лица, негувателки, воспитувачки, административен и технички персонал, беа опфатени со дводневниот скириниг, кој беше направен за да се испита дали има заболени од коронавирус пред почетокот со работата и приемот на деца. 150 се вработени во тетовската детска градинка „Младост“, а останатите се од приватните градинки во градот и од општинската детска градинка „Јаболчиња“ во Јегуновце.

Директорката на детската градинка „Младост“ од Тетово, Рамије Даути, е задоволна што објектите ќе можат непречено да започнат со работа бидејќи нема позитивни на Ковид 19 помеѓу вработените. Перидов се прават сите подготовки според Протоколот на ресорното Министерство, односно се врши надворешна и внатрешна дезинфекција, очекуваат да им пристигнат и топломери, а привршуваат и работите за реновирање на дел од објектите.

Инаку во овој регион и денес има нови случаи со Ковид 19, вкупно 8 од градот Тетово, село Селце, општина Теарце и еден случај во општина Јегуновце. Нема нови кластери и сите заразени се контакти на веќе заболени лица. Бројката на ковид дијагностицирани пациенти достигна 265 од почетокот на епидемијата.

Данијела Билбилоска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ