Нема регистрирани нови случаи на морбили, но епидемијата се уште е на сила

Нема регистрирани нови случаи на морбили на територијата на град Скопје, но епидемијата се уште е на сила и истата ќе се укине, ако во наредните две недели не се појави нов пациент заболен од мали сипаници.

Дел од приватните училишта веќе ги имаат побарано на увид вакциналните картони на учениците. Останува забраната за прием на деца во градинките кои не примиле МРП вакцина.

Антивакциналните кампањи кои го шират тврдењето дека МРП вакцината против морбили, рубеола и пароти предизвикува аутизам, од година вгодина ја зголемува бројката на деца кои не се вакцинираат и во останатиот дел од државата. На пример во текот на изминатите години, службата за вакцинација во Здравствениот дом во Гостивар бележи значително опаѓање на опфатот на деца кои ја примиле оваа вакцина.

Вакцината против мали сипаници се прима на 13 месечна возраст, а ревакцината на 6 години. Во Гостивар нема заболени од морбили, но поради прогласената епидемија во Скопје низ целата зема во одделенијата за вакцинацијата се вршат вонредни проверки на картоните. Лекарите апелираат родителите редовно да ги вакцинираат децата.

Вкупната бројка на регистрирани заболени лица од мали сипаници на територијата на град Скопје изнесува 80. Најголемиоит број од нив се деца кои не се вакцинирани.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ