
Нема поголема тарифа за адвокатите во случаите на бесплатна правна помош
Тарифата за адвокатите во случаите на бесплатна правна помош, нема да се зголеми ниту со доработката на Законот што беше вратен во процедура на барање на Адвокатската комора. Заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски вели дека, буџетот на Министерството за оваа намена е мал, но и да се зголеми, нема да биде потрошен за адвокатите, туку за тоа, што поголем број на лица од ранливите категории да добијат бесплатна правна помош.
Од Адвокатската комора остро реагираа дека, со воведувањето на паралелна тарифа, пониска од вообичаената, се загрозува нивната независност. Законот, што е дел од владиниот план 3-6-9, беше вратен на доработка и затоа што експертската јавност имаше забелешки на повеќе од 53 проценти на одредбите во него. Овој потег беше поздравен од Советот на Европа, од каде укажуваат дека, Македонија има најмал буџет во Европа за бесплатна правна помош.
Овој систем годинава ќе добие финансиска поддршка од 300 илјади евра преку проект на Европската унија и Советот на Европа.
Далиборка Дамјанска Цветановска