
Нема плата во институциите што не даваат податоци, најави Манчевски
Нема да земат плата сите институции и нивните раководители што нема да ги внесат податоците за своите вработени, најави министерот за информатичко општество и администрација Манчевски, во интервју за Радио Слободна Европа. Во информатичкиот систем за управување со човечки ресурси, каде институциите имаат законска обврска да ги внесуваат своите систематизации и информации за вработените, вели министерот, мора да се среди хаосот, бидејќи само дел од нив коректно ги ажурираат податоците, другите тоа го направиле делумно или воопшто не го сториле. Владините предупредувања и инспекциите многу не помогнале.
„За таа цел ќе спроведеме, преку неколку одлуки на владата, ќе направиме ред и системски и технички измени внатре во одредени системи на институциите, но и со ред на правилници и уредби на влада со коишто сите они институции и нивните раководни лица коишто нема да ги внесат податоците за своите вработени во информатичкиот систем за управување со човечките ресурси нема да земат плата. Едноставно мора да се научат институциите во државата дека мора да ги почитуваат законите, без притоа премиерот да треба да ги брка за тоа“, вели министерот.
Eкспертите се децидни – велат – за оние институции за ќе се утврди дека не постапиле согласно законите, се покренува прекршочна постапка и се казнува само раководителот, без разлика дали е тој министер или директор.
„Не може да бидат казнети вработените со недавање плата, за нешто што е обврска за раководителот на органот, вработениот не може да одговара за таа работа. Мислам дека оваа изјава на министерот е дадена повеќе со цел да ги заплаши оние што досега не дале податоци, да постапат што побргу“, вели Давитковски.
За професорот, Владата направи и грешка во чекори што навреме не распиша оглас за избор на 69 директори и 25 заменици, па потоа првично дадениот рок од три дена мораше да го поништи и да објави нов, сега на 15 дена, со образложение да има повеќе време да се собере потребната документација. Владата заборави на една работа во правото – императивен мандат, што значи дека ако е некој поставен за в,д. на 6 месеци, по нивното истекување, тој ќе не може да биде вршител на должност. Проблемот е како додека трае конкурсот ќе функционираат овие институции, кој ќе потпишува плати, но и сите други решенија што им се потребни на граѓаните, вели Давитковски.
„Сега се оди со вакуум простор, според мене, тие сега немаат мандат ни нешто да потпишуваат, ни да работат нешто, и не знам како Владата ќе го бајпасира овој период од 18 дена“, вели Давитковски.
Ова се случуваше и неодамна со градоначалниците, професорот вели, тоа е противзаконска пракса и мора да запре, бидејќи не смее нелегални лица со истечен мандат да одлучуваат за витални прашања за правата и обврските на граѓаните.
Нина Нинеска-Фиданоска