Нема пласман за нетрадиционалните земјоделски култури од тетовското поднебје

Аронија, малина, разни јаткасти плодови. Ова се само дел од нетрадиционалните култури за тетовското поднебје, кои во последно време можат да се забележат на површините. Земјоделците кои ги затекнавме на нивите, велат дека во првите години добро им одело и имало откуп. Но, сега продажбата е намалена, па производите мораат да ги продаваат на мало на домашниот пазар.

Хусеини Ислам веќе шеста година обработува лешник и аронија засадена на еден хектар површина. Планира да го корне засаденото, затоа што веќе нема пласман, а производот започнал да го продава на килограм.

И останатите производители велат дека нема организиран откуп, па мора да се снаоѓаат сами. Дел од нив наместо да го пласираат, се одлучиле од производот да прават природен сок од аронија, кој потоа многу полесно се продава на странскиот пазар.

Од Агенцијата за поттик и развој на земјоделието, потенцираат дека немањето сигурен пласман на земјоделските производи е најголемиот проблем на земјоделците во тетовско. Велат дека надлежните треба да преземат сериозни чекори за отворање на откупни центри во поголемите градови во Македонија, или пак да се отворат преработувачки капацитети за овошје и зеленчук, кои некогаш постоеја во полошко

Засега надлежните не најавуваат никакви конкретни чекори околу решавање на проблемот со откупот на земјоделските производи од тетовско.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ