
Нема мораториум за кредитите, банките сами ќе одлучуваат дали и кому ќе му ги одложат ратите
Нема мораториум за кредитите за граѓаните и компаниите, туку банките сами ќе одлучуваат дали и кому ќе му ги одложат ратите. Владата вчера ја донесе Уредбата, со која им овозможува на банките да понудат поповолни услови за клиентите. Односно можат да им ги одложат ратите или да понудат пониски камати. Но не е задолжително. Па така од Македонската банкарска асоцијација соопштија дека „се подготвени за примена на Уредбата и велат таа претставува олеснување за клиентите корисници на кредитен производ за изменување на условите секаде каде што ќе се утврди дека тоа е потребно“.
Иако министерката за финансии најави дека откако владата ќе ја донесе уредбата ќе излезе на прес конференција да им соопшти на граѓаните како ќе се практикува, сепак тоа не се случи. А граѓаните не знаат каде и револтирани се јавуваат до медиумите.
„ Сопругот ме извести дека денеска од сметка му резервирале 5.000 денари за ратата за кредит кои се резервирани средства и не може да ги користи“- вели таа.
„Ми се јавија од банка да сум плател рата. Им кажав дека бев во странство и сум во самоизолација. Ми кажаа да ја дадам картичката на пријател и тој да уплати во мое име“- вели граѓанин.
Уредбата ќе важи за сите кредитни производи од станбени, хипотекарни, автомобилски кредити до кредитни картички и дозволен минус. А банките и штедилниците ќе треба да ги известат клиентите за промена во договорите, а компаниите и граѓаните во рок од 10 дена треба да се изјасната дали ја прифаќаат или одбиваат понудата. Ако не се изјаснат ќе важи дека ги прифатиле поповолните услови.
Владата не донесе ниту уредба за одложување на плаќање на режиските трошоци, па така телекомуникациските оператори се јавуваат кај граѓани веднаш да платат сметка за да не бидат исклучени.
Павле Беловски