Нема македонски универзитети меѓу најдобрите 1.000 во светот според Шангајската листа

На Шангајската листа, на која се рангираат најдобрите универзитети во светот повторно нема ниту една виско образовна институција од Македонија. Наши универзитети нема ниту на втората релевантна листа – Тајмс. Македонски универзитети се појавуваат само на најшироката листа за рангирање на универзитети Вебометрикс. Таму Универзитетот Кирил и Методиј е на 1.624 место. Клучни критериуми за рангирање на Шангајската листа, меѓу другото, се бројот на објавени научни трудови во меѓународни списанија, бројот на добитници на Нобелови награди и Филдсови медали кои студирале на универзитетот или работат таму. Во редот на  нашите завршени студенти и наставен кадар нема нобеловци, мал е бројот на објавени  научни трудови во меѓународни списанија, а зад најдобрите заостануваме и по издвоените средства за научно истражувачка работа. Овие строги критериуми влијаат Македонија да ја нема на оваа листа, вели универзитетскиот професор и поранешен министер за образование Ненад Новковски.

Од министерството за образование и наука  велат дека се посветени на реформите кои во иднина треба да донесат резултати кои ќе помогнат да бидеме дел од овие листи на успешни универзитети.

„Меѓу првите новини кои беа воведени е ново усвоениот закон за високо образование, изготвен со оние за кои се однесува и кој, треба да понуди поголема државна поддршка за високо образовните установи, но и нивна поголема автономија, поголема слобода во изразувањето и работата што претставува и мотив за дополнителен ангажман на професорската и научна фела, а во насока на постигнување повисок раст од квалитативен аспект и стекнување на поголема регионална, па и глобална препознатливост на универзитетите“, велат од министерството.

На шангајската листа, објавена денеска, на прво место 16та година по ред е Универзитетот Харвард, на второ Стенфорд, а на трето британскиот универзитет Кембриџ. Регионалните универзитетски центри се далеку пред нас, универзитетите во Белград и во Атина се меѓу 300 и 400 место.

Јордан Дуков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ