Нема кворум за поништување на лустрацијата

Во Комисијата за политички систем, не почна закажаната расправа за потребата од поништување на лустрацијата. Три часа по закажаниот термин и неколкуте обиди, кворум не беше обезбеден: ДУИ не дојде, а ВМРО ДПМНЕ остана надвор од салата. СДСМ очекува прашањето да се реши со политички консултации на повисоко ниво меѓу сите партии.

СДСМ во салата, ВМРО ДПМНЕ надвор од неа. Вака заврши последниот обид денеска да почне разгледувањето на предлогот за поништување на лустрацијата. Претседателот на Комисијата за политички систем, Александар Кирацовски, констатираше дека кворум не може да се обезбеди поради опструкции од пратениците и дека проблемот може да се надмине само со дополнителни политички консултации.

 „Ние спроведовме мека лустрација, во сосема бенигна форма за да се избегнат дополнителни поделби и ширење зла крв“. Со вакви аргументи, ВМРО ДПМНЕ најави дека ќе се спротивстави на поништувањето на лустрацијата со сите законски средства.

 СДСМ бара да се отстранат штените последици од лустрацијата поради политичките злоупотреби од претходната власт.

Лустрацијата беше спроведувана од 2009-та до 2015-та. Беше замислена како дополнителен услов за извршување јавна функција, но опфати и поранешни и починати лица. Комисијата за лустрација донесе околу 200 решенија за угледни политичари, професори, писатели, активисти и полициски функционери. Пред две години Комисијата беше укината, како и неколку десетици од нејзините решенија, а неколкумина од оние што беа прогласени за соработници на безбедносните служби, својата недолжност ја докажаа преку Судот во Стразбур. Законот за поништување е предложен од Владата и вклучува обештетување на оние кои неправедно биле прогласени за кодоши.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ