
Нема коронавирус во Македонија
Нема регистриран случај на коронавирус во Македонија. И вториот сомнителен случај од синоќа, лицето кое престојувало во Дубаи, се покажа негативен на тестовите за корона вирусот.
„Вториот случај кој го тестиравме на корона вирус е негативен. Станува збор за патникот кој што е дојден од дубаи после шестдневен престој таму. Станува збор за инфлуенца тип Б“, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Во меѓувреме владата ги засили превентивните мерки за заштита од Ковид 19. Наложено е одложување на сите школски екскурзии и студиски престои во северна Италија.
„Се задолжија сите јавни институции, основни и средните училишта и универзитетите, да ги одложат сите планирани патувања, студиски престои и екскурзии во регионот на северна Италија. И го повторуваме апелот да не се патува во овој регион освен ако нема некоја голема и итна потреба“, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Попладнево и некои туристички агенции почнаа да ги откажуваат аранжманите за Италија поради коронавирусот. „Фалкон травел“ ги откажа сите тури за Италија поради безбедноста на патници, додека агенцијата „Атланстис“ од Струмица ја откажа турата за Венеција. Од Стопанската комора за туризам на Македонија информираат дека во очекување се на одговорот од институциите на официјално барање упатено вчера за информација, што точно се случувањата во Италија и дали ќе има официјално забрана за патувања, а не само препорака, по што ќе го соопштат својот став.
Меѓу мерките кои денеска ги донесе владата за превенција од корона вирусот е итна набавка на дезинфекциски средства за училиштата, градинките и јавните тоалети. Установите за згрижување на деца од предучилишна возраст треба да преземат и мерки за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.
Македонија инаку во моментов располага со 150 легла за хоспитализирање на сомнителни или заразени лица од корона вирусот на инфективните клиники и на интензивана нега. Деновиве, како што информираше Филипче, ќе бидат определни и дополнителни капацитети за сместување на евентуални случаи со корона вирус.
Светската задравствена организација како превентива за заштита од корона, освен избегнување на директен контакт со заболени лица, препорачува често миење раце со сапун или со дезинфекциони средства кои содржат алкохол, избегување на допирање на устата, носот, очите со неизмиени раце, бидејќи вирусот може да се задржи на површина на предмети подолго време.
Тамара Грнчароска