
Нема кој да го замeни градоначалникот на Ново Село
Не се знае кој ќе го заменува градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев доколку судот му го продолжи притворот од 8 дена, којшто вчера му беше одреден нему и на останатите тројца роднини, со коишто беше фатен во шверц на цигари. За петтото лице, кое неофицијално е неговата сопруга, судот предложил мерки на претпазливост поради здравствени причини: одземање на патна исправа, забрана за напуштање на државата и повремено пријавување во суд.
Според законот за локална самоуправа, градоначалникот одредува еден член од Советот на општината којшто ќе го заменува доколку тој биде отсутен или спречен да ја извршува должноста.
Денеска се јавувавме во општината, но не успеавме да добиеме одговор од локалната самоуправа на Ново Село дали е отворен документот во којшто е наведена замената на градоначалникот Стојчев.
Завчера новоселскиот градоначалник беше уапсен во полициска акција додека со две возила и четворица соучесници, членови на семејството, се обидувал на внесе во државата преку див граничен премин со соседна Бугарија околу 3.300 штеки цигари. Настанот се случувал во близина на напуштеното село Бадилен, а според полицијата, возачот на второто возило се обидел да избега.
Полицијата ја заплени шверцуваната стока којашто според првичните проценки има вредност од над 3.200.000 денари.
Сузана Мицева