Нема голем одзив на теренската вакцинација против морбили – речиси 100 новозаразени лица неделава

18.000 деца низ Македонија се уште не се вакцинирани против мали сипаници, а уште малку останаа во Скопје кои треба да примат доза МРП. Епидемијата на цела територија трае веќе десет дена, а новозаболени има секој ден, соопштија од Институтот за јавно здравје. Три четвртини од новите случаи во минатата недела, немале примено вакцина

„Заклучно со денешниот ден до Институтот за јавно здравје пристигнаа 95 пријави за нови случаи на мали сипаници. Најголем број од заболените од пријавените се од Скопје, значи 60, а останатите се од другите градови.“ кажа Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Заради континуитетот на заразата, но и вонредните мерки во време на епидемија, здравствените власти вакцинираат и теренски во основните училишта. Во Скопје за три дена се вакцинирани околу 90 основци, а целта е да се даде имунитет против морбили на околу 500 кои не примиле ниту една доза. Во другите градови, медицинските тимови имаат многу повеќе деца за вакцинирање. Сепак, најкритична категорија се децата под четиригодишна возраст.

„Се уште треба да се засили мерката за вакцинација, пред се кај предучилишните деца надвор од Скопје. Таму се уште имаме поголем дел од оние кои подлежат на вакцинација, но не се вакцинирани. Во Скопје со прогласувањето на епидемијата и со засилените мерки веќе 80% од пронајдените деца коишто не се вакцинирани се веќе вакцинирани. Меѓутоа сепак остануваат уште 3500 деца во Скопје коишто треба да се вакцинираат.“ кажа Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Поради компликации предизвикани од малите сипаници, на најтешка клиничка слика лекарите наидуваат кај децата под една година кои се заразиле со вирусот. Затоа и одлучија да ја намалат границата за вакцинирање, да можат и деца на шестмесечна возраст да ја примат вакцината. Но, одзивот досега е слаб, потврдија од Институтот за јавно здравје.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ