Нема екстрадиција за Морина, но нема ниту слобода од Шутка

Судот ја отфрли екстрадицијата на Томор Морина, но го остави во притвор до конечната одлука на Врховниот суд.

Од скопскиот кривичен суд соопштија дека тричлениот кривичен совет го отфрлал барањето за екстрадиција на Морина поднесено од српските власти поради сомнежи за наводни злосторства против цивилно население на Косово.

Од судот велат дека одлуката е донесена откако е прегледана документација и ценејќи ја досегашната воспоставена судска пракса и меѓународното право, по што е заклучено дека не се исполнети условите за екстрадиција.

Праксата на судовите во Македонија е да не се испорачуваат лица кои ги бара една држава за дела кои ги извршиле во друга држава. И досега според информациите на Телма имало повеќе случаи кога Србија барала косовски државјани за екстрадиција, но биле отфрлени.

Морина е осомничен за дела од пред две децение, за време на косовската војна, која резултираше со независност од Србија во 2008-ма. Конечната одлука ќе ја донесе Врховниот суд каде се испратени документите за предметот Морина, кој ќе остане во притвор во Шутка до правосилност на судските одлуки.

Морина беше уапсен на преминот Блаце по потерница на Интерпол, распишана по барање на Србија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ