Нема договор за СЈО, законот ќе се носи без ВМРО ДПМНЕ?

Доколку не се постигне договор за законот за СЈО, владата ќе обезбеди двотретинско мнозинство и без ВМРО ДПМНЕ.

Оваа можност денеска ја најави министерката за правда, велејќи дека веќе се размислува за други опции, откако и по шестата средба, не беше постигнат напредок во разговорите, а клучните разлики останаа.

Најспорен е членот 105, кој предвидува, бомбите да може да се користат како докази во постапките почнати и после завршувањето на мандатот на СЈО на 30 јуни 2017-та, што за ВМРО ДПМНЕ е незаконски.

Од ВМРО ДПМНЕ предложиле, работната верзија на законот да биде испратена на мислење во Венецијанската комисија, за да може да се добие и нивниот став  за спорниот член од законот, но тоа за министерката е прифатливо само откако законот ќе се изгласа.

Дескоска одбила и да побара одговорност од Катица Јанева и нејзиниот тим, вели дека за нив воопшто не се разговарало на средбата, но од ВМРО ДПМНЕ го тврдат спротивното.

Идните средби ќе зависат од тоа, дали некој од преговарачките тимови ќе даде нова идеја за тоа како да се излезе од ќорсокакот.

Овој закон е меѓу условите што ги бара Брисел за да се потврди подготвеноста на земјата за борба против организираниот криминал и тој мора да биде донесен пред да се затвори Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата до крајот на овој месец.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ