Нема датум за преговори со ЕУ во нацрт-заклучоците за јунскиот самит?

Во нацрт-заклучоците од претстојниот Совет на ЕУ не стои датум за преговори со Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Овие нацрт-заклучоци, кои треба да бидат разгледувани и на експертско, амбасадорско и министерско ниво, не се конечни, но засега шансите за консензус помеѓу земјите членки за одредување датум за преговори се минимални.

Во заклучоците, сепак, ЕУ признава дека Македонија ги исполнила условите за почеток на преговори. Земјите членки на ЕУ ги набројуваат во детали исполнетите услови поставени минатата година, како што се реформите во судството, во разузнавачките служби, јавната администрација и борбата против корупцијата.

Уште еднаш ги поздравуваат билатералните договори со Бугарија и Грција, и нагласуваат дека Преспанскиот е „пример за другите во регионот“.

„Она што најверојатно може да се очекува засега е јунскиот министерски совет да заклучи дека ќе се наврати на прашањето за датумот со Албанија и Македонија во јули„, пишува дописничката, повикувајќи се на дипломатски извори.

Евроамбасадорот,пак,  денеска од Берово порача дека, Македонија треба да продолжи со лобирање за членство во ЕУ. По песимистичките најави дека е можно датумот да се одложи најрано за есента, Самуел Жбогар вели дека се` уште не е доцна да се издејствува датум и порано.

Премиерот, пак, денеска изјави дека, информацијата на „Зидојче Цајтунг“ дека германската канцеларка Ангела Меркел е против доделување датум за преговори со ЕУ на  Македонија е стара. Рече дека очекува во јуни или јули да го добиеме датумот.

Германскиот весник „Зидојче цајтунг“ денеска излезе со информација дека германската канцеларка Ангела Меркел се изјаснила негативно за брзо давање датум за преговори на Македонија. Повикувајќи се на свои неименувани извори пишуваат дека, на седница на Комисијата за европска политика на Бундестагот, Меркел јасно ставила до знаење дека одлука за датумот за преговори е можно да се донесе „најрано во октомври“.

Со тоа, според нив, канцеларката  застанала наспроти своите коалициски партнери од СПД, кои се залагаат за гласање за датумот во Европскиот совет веќе на 18 јуни. Државниот министер  Михаел Рот од СПД во Комисијата за европска политика во вторникот категорично се залагал за почеток на преговори за приклучување, но не наишол на поддршка кај ЦДУ и ЦСУ.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ