
Нема да се активира условната казна на градоначалникот на Ново Село
Нема да се активира условната казна на градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев. Ваква е одлуката на Кривичниот совет при струмичкиот Основен суд, по предлогот на Јавното обвинителство Стојчев да одлежи затворор од две години, бидејќи во период на траење на условната казна е правосилно осуден за кривично дело. Кривичниот совет предлогот на обвинителството го отфрли како недозволен. Од судот информираат дека тоа можело да се стори додека траело судењето за криумчарење, за коешто доби затвор од 18 месеци, но подоцна штипска апелација му ја намали на шест месеци.
Тоа значи дека по Нова година Стојчев ќе излезе на слобода. Тој се откажа од градоначалничката функција поднесувајќи си неотповиклива оставка до општинскиот совет. Во оваа општина следуваат локални избори кои треба да се одржат во следните шест месеци.
Боро Стојчев на почетокот од јули беше уапсен во обид да шверцува 3300 штеки цигари преку македонско-бугарската граница. Со него беа и сопругата, синот, внукот и уште едно лице со кое не е во роднинаска врска.
Сузана Мицева