Некористењето на електронските алки за следење ќе ја чини земјава 850.000 евра

Некористењето на 400 електронски алки кои четири години стојат конзервирани во Управата за извршување на санкции, можат да ја чинат Македонија 850.000 евра. Европската комисија, како што дознава Телма, неодамна ја предупредила земјава дека поради некористење на алките предвидени со Законот за пробација, набавени со помош на европските фондови, земјава ќе мора да ги врати парите назад. Набрзо по предупредувањето од Комисијата, на 28 декември е изречена првата пробациска условна осуда на осуденик да му се стави алка што би значело пробациски надзор. Од судот засега нема информација зошто досега не се изрекувала оваа мерка, иако опремата за следење и Законот со се подзаконските акти се од поодамна донесени.

Законот за пробација стапи на сила на 1 ноември 2016 година, додека алките за електронското следење се набавени уште во 2014 година во рамки на твининг проектот за имплементација на Законот за пробација кој започна во 2010 во висина од 1,8 милиони евра. Заедно со алките кои се од израелски производител набавени се и батерии, инсталиран е и софтвер за нивно следење, обучени се 10 лица во министерството за правда и отворен е мониторинг центар. Во Кривичниот суд има и три канцеларии наменети за пробациската служба, а такви канцеларии предвидеи се и во Битола, Прилеп, Гостивар, Охрид, Куманово, Велес, Тетово, Кочани, Струмица и Штип. Во нив треба да бидат вработени 90 службеници

Алките кои ги поседува Управата за извршување санкции не се со ЏПРС систем на следење на сигналот, туку се со СД каритчки со што движењето на осуденикот е ограничено во одреден парамтераски круг. Добро информирани извори за Телма наведуваат дека системот бил оперативен откако е исталиран, но не бил применуван.

Причина за тоа е што до денес не е распишан тендер и не е избрана фирма за одржување на софтверот и на алките, поради што тие не можеле бидат ставени во функција. Како што се дознаваме, наскоро треба да биде распишан тендер за избор на ваква фирма, но нејасно е дали се предвидени средства за такви нешто во буџетот.

Инаку системот на пробација од неодамна доби нова европска поддршка за да се зајакне и да стане функционален, за што Европската комисија од ИПА фондовите издвои 950.000 евра. Проектот стартуваше на крајот од ноември и ќе биде спроведен со помош на твининг од Германија и Холандија.

Законот за пробација беше донесен со цел да се намали бројот на затвореници во затворите и дел од осудениците да ја издржуваат казната во домашни услови, но и за поголема контрола врз движењето на лицата за кои е изречена мерката домашен притвор.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ