Некои министри барале повеќе средства – по долгата владина расправа, буџетот пред пратениците

По долга владина дебата до доцните вечерни часови, Буџетот за 2019, најголем досега, тежок 3,7 милијарди евра, денеска влегува во собраниска процедура. Според сознанија на Телма, некои министерства барале повеќе пари од оние што им биле доделени, одредени барања и биле прифатени. Но не се откриваат детали што содржат промените, јавноста тоа ќе го види во финалната верзија на предлогот кога ќе се објави на официјалните веб страници на Финансии и парламентот. Утре во Влада ќе го бранат министерот Тевдовски и премиерот Заев.

Власта веќе ги претстави клучните бројки пред јавноста, приходи од 3,4 милијарди евра, дефицит од 288 милиони или 8 милиони евра помалку од лани. Растот се прогнозира на 3,2 отсто, но Владата се надева и на повисока стапка. Велат, Буџетот е во согласност со фискалната стратегија и ќе има голема буџетска дисциплина, но и пари за стимул на економијата, м,еѓу нив и капитални инвестиции од 418 милиони евра.

Бурни реакции предизвика расходната страна, в година повеќе буџетскји пари ќе се трошат за повисоки плати на лекарите специјалисти за 10 отсто од јануари, но и за просветните и здравствените работници и за државната администрација, од 5 проценти, почнувајќи од септември. Административците му се налутија на премиерот Заев кога тој рече дека поголемите плати ќе зависат од тоа дали во јуни добро ќе ги оцени Евроспската Унија.

Владиниот портпарол Бошњаковски вели дека со повисоките плати ќе се исправат неправдите кај јавната администрација.

Средување на јавната администѕрација не значи само нејзино намалување, туку и регулирање на нерамноправните односи кај јавната администрација. Со буџетот е предвидено зголемување на платите кај здравствените работници и кај јавната администрација, и тоа е во насока на нејзино консолидирање, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Пратениците од власта и опозицијата ќе имаат доволно време да ги искажат своите ставови, дали буџетот е развоен или, пак, нема да донесе економски раст и повисок животен стандард. Според нашите информации, на матичната Комисија за финансирање и буџет овој документ најверојатно ќе се најде веќе кон средината на идната недела, каде во рок од десет дена треба да заврши општиот претрес и амандманската расправа. Потоа евентуално прифатените амандмани Владата ги вградува во предлог буџетот и го враќа на пленарна собрансика седница, каде расправата трае најмногу до 5 дена.

Бизнисмените веќе го оценија како развоен буџетот, нема веќе ни силни критики за прогресивниот данок, а екпертите предупредија да се внимава да не потфрлат пак капиталните инвестиции.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ