
Неизвесности околу Законот за јазиците
Неизвесно е кога и како ќе се разреши ситуацијата со Законот за јазиците. Работни групи на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ деновиве се среќаваат во обид да најдат решение за блокадата, што настана откако претседателот Иванов стави вето, а опозициската партија поднесе 35 илјади 569 амандмани.
Доколку не се најде вакво политичко решение, а Собранието почне да се изјаснува за секој амандман поединечно, побрзо ќе влеземе во НАТО отколку да го донесеме Законот за јазиците, брифираат високи владини извори.
Тоа е главната причина што претседателот на Собранието Талат Џафери се уште не закажал продолжение на седницата. Пратениците креваат раменици и одбиваат јавни коментари, исто како и предлагачот на законот, министерот за правда Билен Салији. Неговиот колега во Владата и во партијата, Бујар Османи, е уверен дека Собранието може да обезбеди 61 пратенички глас за повторно донесување на Законот. Вели дека неговата партија е отворена за соработка и ја повика опозицијата да го смени односот кон албанците и кон процесите.
Оваа и наредната недела секако ќе биде тешко да се обезбеди кворум за работа во Собранието. Дел од пратениците не се вратиле од службените патувања во САД и Стразбур, а од 13-ти, дваесетина од нив патуваат во Велика Британија за да дебатираат за реформа на Собранието, по покана од Институтот Вилтон парк.
Соња Николовска