
Неизвесно е дали Груевски ќе го сочува пратеничкиот мандат
За пресудата во врховен, за мандатот во Собрание експремиерот Никола Груевски од Будимпешта, како азилант, води две битки пред македонски институции. Предметот за „Тенк“ е во Врховниот суд каде деновиве пристигнало и мислење од СЈО кое бара да биде потврдена двегодишната затворска казна. Петмината судии од Кривичниот совет во Врховен на чело со претседателот Јово Вангеловски, треба да одлучат дали ќе ја забетонираат казната за експремиерот или пак ќе ја укинат пресудата, но од таму нема потврда дали одлуката ќе се знае пред почетокот на судската ферија.
Во Собранието пак следната недела ќе се одлучува за пратничкиот мандат на Груевски. Оставката на претседателот на матичната комисија Павле Богоевски поради скандалот со снимката, го одложи гласањето . Тој вчера ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ етиката и моралот што го покажале за неговиот случај да го применат и при гласањето за мандатот на осудениот експремиер. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат да не се поврзува оставката на Богоевски со гласањето за Груевски.
Од владеачката СДСМ ја обвинија опозицијата дека штити криминал и прашаа кој е легитимитетот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои сториле сериозни кривични дела, да седат во собраниска сала.
И покрај тоа што шест месеци има неоправдано отсуство, неизвесно е одземање на мандатот на Груевски. Од осумте пратеници исклучени од ВМРО-ДПМНЕ не откриваат како ќе гласаат, односно дали може власта да смета на нивниот глас во обезбедување на двотретинско мнозинство.
Елена Ивановска Мукоска