
Неизвесен договорот за името?!
Најнов пресврт во спорот за името. По интензивните преговори во последните денови на експертско ниво, и очекувањето да финишираат со телефонски разговор на двајцата премиери Заев и Ципрас, од Атина притиснаа на кочница.
Неофицијални извори од грчата влада информираат дека во моментов нема можност да се постигне договор за името.
„Македонската влада не е во можност да излезе во пресрет на она што беше договорено на последната средба на министрите за надворешни работи во Брисел. Се одалечува можноста да се постигне договор во наредните денови меѓу Атина и Скопје, а со тоа и да се реализира телефонскиот разговор меѓу премиерите Заев и Ципрас“.
Нејасно е во овие моменти дали станува збор за сериозен чекор назад во преговите, или само тактичките маневар од грчка страна.
Тоа што е јасно е дека контакт помеѓу Ципрас и Заев, се уште не е остварен.
Извори од македонската влада повикаа на одговорно политичко однесување.
„Во овие моменти не треба да се подлегнува на шпекулации. Одговорното политичко однесување на сите политички фактори, во двете земји, е од најголема корист и во интерес на изнаоѓање на решение“, кажаа од владини извори.
Правниот тим на македонското МНР кое во Атина со грчките колеги ја доработуваше рамката која минатата недела ја договорија Димитров и Коѕијас за надминување на спорот, е вратен во земјава.
Чекорот назад доаѓа по големиот оптимизам кој превладуваше во двете прстолнини во последните денови, дека е прашање на денови, ако не и часови кога Заев и Ципрас ќе го направат историскиот чекор, остварувајќи заедничка средба во Преспа, каде би го соопштиле постигнатиот договор.
Дури беше најавувано од грчка страна дека во Преспа ќе се одржи трипартитна средба заедно со албанскиот премиер Еди Рама, каде би се потпишал и договор за решавање на постоечкиот спор помеѓу Грција и Албанија.
Ивор Мицковски