Нефи советникот, Нефи бизнисменот или Нефи уривачот – што се случува во Охрид

Нефи Усеини советникот од редовите на ДУИ ќе гласа, барем додека не се усови новиот предлог закон за заштита на природното и културно наследство на Охрид, кои дивоградби ќе се уриваат во заштитениот појас. Нефи Усеини бизнисменот пак можно е во меѓувреме да одбере некоја друга локација за да изгради објект за кој има желба и потреба, додека Нефи Усеини сопственикот на градежна фирма ги чека резултатите од тендерот и одлуката дали неговите багери ќе ги уриваат дивоградбите слични на неговата за кои тој дигнал рака да се уриваат.

Вчера во просториите на општина Охрид беа отворени понудите на тендерот за избор на фирма која ќе ги руши дивоградбите а на која се пријавил токму сопственикот и сопственик на дивоградба Нефи Усени. Неговата „Нефи ИК“ е една од двете која конкурирала на тендерот тежок 1,5 милиони денари.

Антикорупциска денес со реакција околу тендерот и упатства до Општина Охрид дека не смее да ја избере фирмата на Усеини бидејќи се коси со член 51 од Законот за спречувањее на корупција.

„Фирма што е во сопственост на лицето Нефи Усеини, или во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со Општина Охрид, каде истото лице е член на совет. Доколку, службеното лице постапи спротивно на овој член, на склучениот договор се применуваат одредбите за ништовност на договорот од Законот за облигационите односи“, велат од ДКСК.

Најповиканиот, градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски, со денови е недостапен на неговиот мобилен телефон.

Според податоците од централниот регистар но и од анкетниот лист на советникот, бизнисмен и сопственик на дивоградба кај чинарот, Нефи Усеини, тој поседува две куќи, стан и  илјадници метри квадратни земјиште во Охрид кои се купени во 2015 и 2016 година, три автомобили, десет багери и пет камиони. Се јавува како сопственик и упратвител во неколку фирми меѓу кои е и  градежната „Нефи ИК“ која минатата година имала профит од 300 илјади евра а се јавува и како сопственик на фудбалскиот клуб Воска од истоименото охридско маало.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ