
Неетичко однесување во Собранието
Политичката култура му отстапува место на говорот на омразата. И кај нас и во светот, вели поранешниот пратеник, сега професор по етика во комуникацијата, Демуш Бајрами. Според него, зборот во медиумите и во политиката е родно место на секое зло, а често пати се преиначува и предизвикува последици што ги чувствува целата јавност.
Вчера, за време на пратеничките прашања до Владата, од собраниската говорница се слушнаа тешки квалификации: предавник, лажго, психопат, коцкар, ништожник, лицемер. Навредливите дискусии веднаш ги осудија и координаторите на двете најголеми партии. Поради говорот на премиерот Заев и личното обраќање до Крсто Јовановски, координаторот Драган Данев побара од спикерот Талат Џафери заштита на дигнитетот на пратениците.
Kоординаторот на СДСМ, Томислав Тунтев, најави постапка против Јовановски заради прекршување на Деловникот и на Етичкиот кодекс.
Ова би била прва постапка што, според Етичкиот кодекс донесен пред само три недели, ќе ја води Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Ако Комисијата утврди повреда на Кодексот, може да изрече: опомена, во случај на лесна повреда, или јавна опомена, за тешка повреда на Кодексот, а потоа ќе ја објави на веб страницата. Но, за да тоа се случи, прво Комисијата треба да изготви образец кој ќе го потпишат сите пратеници. Рокот истекува за десетина дена.
Соња Николовска