
Неделкова не е избрана за член на Судскиот совет
Врховниот судија Киро Здравев е еден од петте нови член на Судски совет. Тој добил три гласа повеќе од противкандидатката Лидија Неделкова, експретседатлека на овој суд. Здравев влегува во Судскиот совет кој се уште не донел одлука за иницијативата за одговорност што ја поднесе „Зелена Лупа“ против него и уште четворица други врховни судии, по бегството на Грујевски и Бошковски.
Според првичните информации за член на Судскиот совет од скопското апелационо подрачје, меѓу тројца кандидати избрана е судијката од Кривичниот суд Гордана Спиревска, позната по одлуката бизнисменот Кочан да оди во притвор.
Судиите денеска избраа уште тројца членови на телото кое ги оценува, унапредува, санкционира или разрешува. Според информациите на Телма од Судскиот совет, судијата Мирсад Сураи од кумановскиот Основен суд е победник на листата од немнозинските заедници. Судијата Зоран Теофиловски добил најмногу гласови од судиите од гостиварското апелационо подрачје. Судијка Лорета Георгиева од струмичкиот суд е избрана од колегите од штипското апелационо подрачје.
Токму денеска кога се бираат новите членови, не функционира сајтот на судовите, каде е наведено работното искуство на судиите.
Новите петмина членови влегуваат на местото на поранешната претседатлека на советот Александра Зафировска, која беше спомената и во последниот извештај на СЈО дека ја отворила вратата за политиката во Судскиот совет, потоа Мирјана Гоцевска Стефановска, Мери Дика Георгиевска, Јелица Крстевска и Влатко Самарџиски.
Судскиот совет со години е под силна критика дека не си ја врши работата, дозволува политичко влијание за избор на судии, не ја штити независноста на судството. Токму депрофесионализацијата беше замислена како една од клучните промени за реформа на ова највисоко судско тело, но наделжните во последен момент се премислија со што стариот концепт со актуелните членови ќе продложи да фунцкионира и понатаму. Здружението на судии и невладините реагираа дека се отстапува од стратегијата за реформа на правосудството.
Елена Ивановска Мукоска